Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика лидерите да се приклучат на планот од шест точки за одговор на руската воена акција над Украина, што предвидува хуманитарна поддршка за Украина, како и предизвикување најголема можна економска штета на Москва.
Пред средбите со лидерите на Канада, Холандија и од Централна Европа во Лондон следната недела, Џонсон вчера кажа дека акцијата на рускиот претседател Владимир Путин мора да доживее неуспех и дека мора да се види дека не успева.
– Не е доволно да се покаже поддршката за меѓународниот поредок темелен на правила, ние мора да го браниме од континуираните обиди правилата наново да се пишуваат со употреба на воена сила – рече Џонсон.
Тој, исто така, ги истакна своите цели, вклучувајќи го и создавањето меѓународна хуманитарна коалиција за Украина, поддршка на нејзината самоодбрана и зголемување на економскиот притисок врз Москва.
Британскиот премиер, исто така, повика на воспоставување дипломатски патишта за деескалација со целосно вклучување на украинската Влада, поголема безбедност во евроатлантската област, како и на запирање на „ползечката нормализација“ на руските активности во Украина.
По средбите со канадскиот и холандскиот премиер во понеделник, Џонсон ќе биде домаќин на лидерите на Чешката Република, Унгарија, Полска и Словачка, земји каде што има украински бегалци.
Велика Британија планира да ги забрза санкциите кон руските бизнисмени преку нови законски мерки што утре ќе ги испрати до парламентот.