Фото:Притскрин/видео Глас на Америка

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека изборниот пораз на унгарскиот премиер Виктор Орбан е „многу лош“ за САД, но нагласи дека Вашингтон ќе соработува со новата влада во Будимпешта, јавува Анадолија.

Во интервју за „Фокс њуз“, Венс истакнал дека администрацијата во Вашингтон била свесна дека постои реална можност Орбан да ги загуби изборите, но сепак му дала поддршка.

– Знаевме дека постои голема веројатност Виктор да ги загуби изборите. Го поддржавме затоа што е еден од ретките европски лидери кои се подготвени да ѝ се спротивстават на бирократијата во Брисел – изјавил Венс.

Тој додал дека ваквиот исход е „многу, многу лош за САД“, оценувајќи дека Орбан бил важен партнер.

Венс го опишал Орбан како „одличен човек кој завршил многу добра работа“, додавајќи дека неговото лидерство било „трансформативно“ за Унгарија во изминатите 16 години.

Сепак, тој нагласи дека САД ќе продолжат соработка со новата влада.

– Тажен сум што загуби. Сигурен сум дека ќе соработуваме многу добро со следниот премиер на Унгарија – рекол Венс.

Тој истакнал дека е важно да се поддржуваат сојузници, дури и кога тие не победуваат на избори.

Венс ја посети Будимпешта пет дена пред изборите и ги повика граѓаните да го поддржат Орбан, нагласувајќи дека тој ги претставува нивните интереси.

Според резултатите, опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, освои убедлива предност, по што Орбан го признал поразот.

– Ќе ѝ служиме на нашата нација од опозиција – изјавил Орбан.