Воената морнарица на Малезија соопшти дека два воени хеликоптера се судриле и се урнале за време на денешните вежби, при што загинале 10 лица.
Хеликоптерите биле на обука во поморска база во државата Перак за прославата на 90-годишнината од морнарицата, што ќе се одржи во мај, пишуваат француските медиуми.
– На лице место беше потврдено дека сите се мртви – соопшти морнарицата, додавајќи дека посмртните останки се испратени во болница за идентификација.
Според снимките објавени на социјалните мрежи, едниот хеликоптер го фатил роторот на другиот, а потоа и двата се урнале.
Инцидентот се случил во 9.30 часот по локално време во градот Лумут, каде се наоѓа поморската база, јави „Би-би-си“.
Надлежните наведуваат дека ќе формираат комисија која ќе ги истражи причините за несреќата.