Фото: Принт-скрин

Руските сили влегоа во Северодонецк додека се обидуваат да го освојат регионот Донбас во Украина, при што регионалните власти и медиумите тврдат дека индустрискиот центар се соочува со жестоко бомбардирање, пренесува „Би-би-си“.

– Гранатите паѓаа во Северодонецк секоја минута, градот гореше. Руските сили сега го целат Донбас кој се состои од регионите Донецк и Луганск. Ако паднат Северодонецк и Лисичанск, целата област на Луганск ќе биде окупирана – пишува известувачот на британскиот медиумски сервис од Украина, Квентин Сомервил, нагласувајќи дека Русија моментно победува на овој фронт.

Тој додава дека пред две недели се случила голема промена во начинот на кој војуваат руските сили кои сега се насочиле кон артилериски напади, пред да напредуваат копнено. Тоа го потврдува и неговиот разговор со украински војник во Лисичанск, кој е соседен град на Северодонецк.

– Има многу артилерија. Бомбардирањата се како кошмар. Ние ќе истреламе една рунда, а тие 10. Кога пука нашиот снајпер тие исфрлаат цел пакет гранати на неговата позиција. Тоа е снајпер со еден куршум, а тие испраѓаат артилериски рунди од илјада долари. Тие не се грижат колку муниција трошат – вели украинскиот војник.

Украинците бараат и потешко вооружување со долг дострел, што би можело да има пресудно значење на фронтот во Донбас.