Војната во Украина не е завршена. Уште повеќе, нема опипливи индикатори како таа ќе се движи, ќе ескалира или деескалира, како и кога ќе заврши? По точно една година, многу човечки жртви и материјални разорувања, воениот судир и во реториката на Кремљ еволуира: од специјална операција, таа сега прерасна во „војна“. Тоа е веќе многу сериозен индикатор што реферира и на интензитет и на содржина и на просторни и на временски рамки!
Една година по почетокот на воениот конфликт, веројатноста да продолжи и да се зголеми е сѐ поголема, а воените експерти од неколку можни сценарија скратија на три „воени сценарија“ и, се разбира, едно – мирнодопско.
Првото сценарио се однесува на евентуален воен успех на Украина, со кој Киев со помош на сојузниците би се вратил во дел на територијата на Украина, без Крим.
Второто сценарио се идентификува со преземање на руската иницијатива и полн успех на руските сили на југот и северот на Украина и целосно заземање на Донбас.
Третото сценарио е препознаено како „нерешено“, со постојан екстензивен конфликт, кој може да прејде и во „судир со големи размери“, кој трајно би ја дестабилизирал европската и светската безбедност.
За среќа, сепак, постои и сценариото за мирно решавање конфликти, кое се подготвува во повеќе светски центри, како што се Кина или Бразил, и за кое повеќето од граѓаните на светот најмногу навиваат.

Подготвил: Mарјан Велевски