Шефовите на дипломатии на ЕУ заземаа цврст став со барање до сите страни на Блискиот Исток да покажат воздржаност по последните случувања од изминатиот викенд и да не дозволат регионот да западне во тотална војна, изјави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел по денешното вонредно заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ.
– Нападот со дронови и проектили врз Израел од страна на Иран е без преседан во буквална смисла на зборот, бидејќи досега никогаш не се случил ваков воздушен напад. Ова секако претставува и голема ескалација на и онака веќе тензичната ситуација во регионот – рече Борел.
Тој потсети дека на заседанието на Советот за безбедност на ОН во неделата, генералниот секретар на Светската организација, Антони Гутереш оцени дека регионот на Блискиот Исток е доведен на работ на амбисот, па затоа, според Борел, меѓународната заедница мора да преземе чекори да го тргне од таму.
– Мораме да го оттргнеме регионот од работ на амбисот – порача Борел.
Според него, ако во сегашната ситуација се користи логиката на шаховската игра и на секој напад се одговора со противнапад, тоа ќе го доведе Блискиот Исток до тотална војна.
– Тоа не ни е потребно. На Блискиот Исток не му потребна тотална војна, што ќе го зафати целиот регион. Не му е потребна ни на светот. Не им е потребна ни на луѓето во Газа – истакна Борел, додавајќи дека ако војната се прошири низ целиот регион, тоа нема да го запре конфликтот во Газа и само ќе го зголеми страдањето на луѓето во Појасот.