Фото: Пиксабеј

Чешкото претседателство со ЕУ ќе подготви „божиќен пакет” со предлози за реформа на Унијата, со цел да ги привлече оние членки што не се убедени за потребата од реформи.

– Останува нејасно каква ќе биде судбината на пакетот – изјави чешкиот министер за европски прашања Микулас Бек, додавајќи дека неговата земја најверојатно ќе инсистира на флексибилност во процесот на проширување.

Тоа ќе овозможи „на Украина, на пример, влез на заедничкиот пазар“, рече чешкиот министер, кој истакна дека „за чешката Влада геополитичкото зајакнување на Украина е прашање на национална безбедност“.

Чешкото претседателство со ЕУ дојде до идејата да изготви „божиќен пакет” откако ги доби резултатите од прашалникот што летото беше испратен до државите-членки.

– Резултатите покажуваат дека националните влади во моментов не се многу отворени по прашањето за реформите на Унијата. Скандинавските држави, на пример, не се склони кон отворање на Договорот за ЕУ – рече чешкиот министер, кој оцени дека пакетот е „единствениот пат напред“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен претходно месецов во нејзиното обраќање за состојбата на Унијата ја поддржа уставната конвенција за реформирање на Договорот на ЕУ, нагласувајќи ја потребата лидерите да бидат „сериозни“ за реформите во ЕУ.

Конвенцијата за која се заложи Фон дер Лејен значи собирање претставници на 27 национални влади и претставува чекор напред во процесот, но не е гаранција дека ќе дојде до реформа на Договорот на ЕУ.