Британската кралица Елизабета Втора, покрај најавата дека во јуни официјално ќе ја прослави 70-годишнината од нејзиното владеење, и денеска славеше во својата резиденција во Сандрингам, пренесоа светските агенции.
Таа таму приреди мал прием за претставници на локалната заедница и група волонтери. Меѓу гостите беше и Ангела Вуд, која посетуваше училиште за готвење во 1953 година и помогна да се создаде специјално јадење со пилешко месо и кари по повод доаѓањето на тронот на Елизабета Втора.
View this post on Instagram
Кралицата денеска ги пречека гостите во светло син фустан. Потоа пресече специјално подготвена торта од еден локален жител и слушаше музичка изведба од локален бенд.
Утре кралицата ќе стане првиот британски монарх кој ќе ја прослави платинестата годишнина од нејзиното доаѓање на тронот.
За утре не е закажана официјална церемонија на годишнината, бидејќи 95-годишната кралица ја поминува годишнината од смртта на нејзиниот сопруг во приватност.
Но, за почетокот на јуни се закажани четири дена свечености, вклучувајќи воена парада, концерт, улични прослави, масовен пикник и „натпревар во платинест пудинг“.
За одбележување на годишнината се изработени и специјални, пригодни монети.