Оштетувањето на гасоводите „Северен тек“ во Балтичко Море го отвори уште еднаш прашањето за „заштитата на критичната инфраструктура“

Неодамнешното оштетување на гасоводите „Северен тек“ во Балтичко Море во пошироката јавност се смета за „саботажа“, односно како „прв голем напад врз европската поморска инфраструктура“. Како последица на таквото мислење, прашањето за „заштитата на критичната инфраструктура“ привлече големо внимание кај експертите. Но, исто така, и од Европската комисија и од Европскиот парламент искажаа огромен интерес за безбедноста на т.н. „линиска инфраструктура“, при што дури и највисокото ниво на ЕУ, како што е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претстави сериозен акциски план од пет точки за безбедност и заштита на споменатата инфраструктура

При дебатата за војната во Украина во Европскиот парламент, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претстави акциски план од пет точки во врска со сигурноста, безбедноста и заштитата на клучни инфраструктурни објекти што се од колосално значење за Европа, односно земјите-членки на ЕУ. Иако концизен, планот содржи неколку конкретни точки во врска со активности и зафати во насока на зголемување на степенот на безбедноста на клучната линиска инфраструктура на Европа. Сепак, експертите од областа на безбедноста јавно анализираат и прашуваат дали презентираниот план е доволен да се постигне целта.

Пред сѐ, неопходна е обезбедување нова
легислатива, одобрена од парламентот

Кристијан Бугер, професор од Копенхаген, врвен европски експерт за поморска безбедност, во својата анализа за „ЕУ обсервер“ пишува дека првата точка од планот на претседателката на ЕК се однесува на подготвеноста и добивањето на директивата за критична инфраструктура, која обезбедува нова легислатива, одобрена од парламентот. Позната како НИС2, директивата ги охрабрува земјите-членки да ги идентификуваат своите критични инфраструктури и да обезбедат известување за инциденти.
Додека Фон дер Лејен секако е во право дека НИС „ќе ја зајакне отпорноста на критичните ентитети на ЕУ“, НИС2 во голема мера е напишан имајќи ги предвид грижите за сајбер-безбедноста, наместо физичките напади. Покрај тоа, тој не ги одразува спецификите на подводните инфраструктури, кои на крајот на краиштата ги поврзуваат земјите и честопати се надвор од јурисдикцијата на земја-членка на ЕУ.
Втората точка од планот е да се спроведе „стрес-тест“. Тоа има цел „да идентификуваме дали имаме слаби точки и каде се тие слаби точки. И секако, треба да ја подготвиме нашата реакција на ненадејно нарушување“. Овие тестови треба да ги направат земјите-членки со помош на комисијата и треба да се фокусираат прво на „енергетскиот сектор“, „проследени од други високоризични сектори, како што се офшор-дигиталната и електричната инфраструктура“. За жал, Комисијата не даде дополнителни детали за тоа како би можеле да изгледаат ваквите тестови. Многу е веројатно дека актерите ќе го земат форматот на вежби на маса и работилници за сценарија. Ова на многу начини е продуктивен чекор, бидејќи таквите вежби се вредни за идентификување на структурните слабости и празнините во комуникацијата. Тие се исто така корисни за зајакнување на довербата меѓу вклучените државни агенции и приватниот сектор.

И сателитското следење и набљудување на линиската инфраструктура се во игра

Подобрувањето на капацитетите за „поддршка на земјите-членки во справувањето со нарушувањето на критичната инфраструктура, на пример, со гориво, со генератори, со потребниот капацитет за засолниште“ е третата точка во планот. Ова е дел од тековната работа на механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Иако е корисно да се подготвиме за катастрофални настани поопшто, не е јасно како оваа компонента всушност може да ја зголеми еластичноста и да спречи или барем да ги одврати идните напади.
Превенцијата е обработена во четвртата точка на Фон дер Лејен. Таа тврди дека е „најдобро да го искористиме нашиот капацитет за сателитски надзор. Ги имаме овие сателити. Имаме капацитет да вршиме надзор за да откриеме потенцијални закани“. Фон дер Лејен овде мисли на сателитски снимки обезбедени од Европската вселенска агенција. За поморскиот домен, овие сателитски снимки се нарачани и дистрибуирани од Европската агенција за поморска безбедност.
Тешко е да се види како повремените сателитски слики можат да придонесат за одвраќање. Кој ќе ги анализира сликите, како ќе се споделат заклучоците од ваквите анализи и каква акција ќе следува? Засега ниту една од агенциите на ЕУ нема мандат во овој поглед. Сателитите се корисен дел од сликата за надзор, но тие се ефективни само ако се дополнат со други алатки, како што е надзорот на поморскиот сообраќај, на рибарството и прекуграничните движења со бродови и авиони.
Овој вид работа е координиран од Европската агенција за поморска безбедност (ЕМСА), Европската агенција за контрола на рибарството (ЕФЦА) и Европската агенција за крајбрежна и гранична заштита (Фронтекс). Ниту една од нив нема мандат или ресурси да врши мониторинг и надзор на критичните инфраструктури.
ЕУ има амбициозни планови за поморско меѓуагенциско споделување информации во она што се нарекува Заедничка средина за споделување информации (ЦИСЕ). ЦИСЕ е предводен од ЕМСА и треба да биде оперативен следната година. Тој има потенцијал да обезбеди главна алатка за европската крајбрежна стража и другите поморски безбедносни сили, а има и воена компонента, управувана од Европската агенција за одбрана. За да се подобри надзорот, заштитата на критичната инфраструктура мора да стане клучна димензија во ЦИСЕ и неговата воена компонента.

Европската комисија предлага уште поголемо зајакнување на соработката со САД

Последната поента на Фон дер Лејен е „да се зајакне соработката со НАТО и со клучните партнери, како Соединетите Американски Држави, за ова критично прашање“. Ова, според професорот Кристијан Бугер, европски експерт за поморска безбедност во својата анализа, е малку повеќе во спротивност со иницијативите за автономија на Унијата за безбедносната и одбранбената политика на ЕУ.
Според него, забележливо е и тоа што не се ни споменува најважниот партнер за заштита на европската критична поморска инфраструктура. Како што објаснува Кристијан Бугер, поголемиот дел од подморските кабелски врски на ЕУ минува низ Велика Британија.
– Во нашиот извештај до Европскиот парламент за кој се дискутираше во дебатата на 5 октомври, наведовме низа други чекори што комисијата би можела да ги преземе за подобрување на отпорноста. Додека нашиот извештај се фокусираше на подморските кабли за податоци, овие препораки се пошироко применливи за подводната инфраструктура. Тие вклучуваат зајакнување на соработката со индустријата, подобрување на капацитетите за поправка, вклучување на заштитата на инфраструктурата во образованието и обуката, да се осигури дека тоа е прашање на дипломатската агенда и да се користи ревизијата на мандатот на ЕМСА и подготвувањето нова стратегија за поморска безбедност на Европската Унија како иницијални политички средства. Овие чекори треба да бидат дел од планот – ја завршува својата анализа Бугер.

Подготвил: Mарјан Велевски