Белорускиот активист за човекови права Алес Бјалјацки, руската организација за човекови права Меморијал и украинската организација за човекови права Центар за граѓански слободи се добитници на Нобеловата награда за мир за 2022 година.
Наградата им е доделена „за претставување на граѓанското општество во нивните земји и заштита на основните човекови права на нивните граѓани“.
– Долги години тие го промовираат правото да ја критикуваат Владата и да ги штитат основните права на граѓаните – се наведува во образложението на Нобеловиот комитет.
Исто така се посочува дека победниците „вложиле извонредни напори да ги документираат воените злосторства, кршењето на човековите права и злоупотребата на власта“ и дека тие „заедно ја покажуваат важноста на граѓанското општество за мирот и демократијата“.