Хрватска

Странците од идната година ќе можат да купуваат земјоделско земјиште без никакви проблеми и пречки во Хрватска. Токму овој факт предизвика многу граѓани, а особено земјоделци, да стравуваат од значително поскапување на плодното земјоделско земјиште, кое со години е во очите на многу странци поради приходите и можностите што може да ги донесе. По влезот во Европската Унија, Хрватска доби преоден период од седум години во кој се применува забрана за продажба на земјоделско земјиште на граѓани од други земји-членки на ЕУ. Периодот на транзиција беше поставен за да се спречи порастот на цените на земјоделското земјиште во Хрватска по пристапувањето во ЕУ, што може да се случи поради поголемата куповна моќ на граѓаните на одделни земји-членки.
Без усвојување преоден период, стекнувањето земјоделско земјиште би било потешко за хрватските земјоделци и би го забавило неопходното преструктурирање на земјоделскиот сектор. Уште пред пристапот на Хрватска во ЕУ беше предвидена можност за продолжување на седумгодишниот преоден период за дополнителни три години доколку се покаже дека хрватскиот пазар на земјоделско земјиште сè уште не е доволно стабилен и дека сѐ уште постои ризик од значително зголемување на цените доколку се отвори за странски државјани.
Токму тоа и се случи, а Хрватска побара продолжување на мораториумот за уште три години, кој наскоро истекува, по што странците ќе можат без пречки да купуваат земјоделско земјиште во Хрватска.
Сите знаевме дека порано или подоцна ќе дојде тоа и екстремно се плашевме од него, бидејќи сме свесни што носи. Досега имавме проблеми како да купиме земјоделско земјиште од локалните самоуправи, бидејќи секогаш имало разни игри. Сега во целата приказна ќе се вклучат и странците, кои се многу посилни во однос на плаќањата од мене, па лесно можат да издвојат многу повеќе пари за квалитетна земја. За многу помалку пари отколку во нивните земји, тие ќе можат да купат големи површини земја во Хрватска. Сите се плашиме дека тоа ќе ни ја отежне положбата, бидејќи повеќе нема да можеме да стигнеме до земјата што ни е толку потребна – вели Ивица М., сопственик на семејна фарма во областа Вуковар.

Подготвил: Марјан Велевски