Бугарија

Бугарија ја укина контроверзната практика „златни пасоши“, која им нудеше државјанство на држави-членки на ЕУ во замена за значителни инвестиции, што беше критикувано од официјален Брисел.
Практиката им дозволуваше на странците да добијат дозвола за престој кога инвестираа минимум 500.000 евра (550.000 американски долари) во Бугарија и државјанство кога инвестираа еден милион евра (1,1 милион долари). Корисниците беа првенствено од Русија, Кина и од Блискиот Исток. Новата бугарска влада, чиј клучен приоритет е борбата против корупцијата, во јануари го повика парламентот да го прекине издавањето на таквите пасоши.
Одлуката на Националното собрание на Бугарија доаѓа откако Европскиот парламент, во светло на западните санкции против руските олигарси поради руската операција во Украина, уште еднаш го осуди доделувањето „златни пасоши“. Претходно овој месец, европратениците го повторија повикот Бугарија, Малта и Кипар да ги укинат „златните пасоши“ и „златните визи“.
Европската комисија постојано бараше укинување на ваквите практики, бидејќи тие создаваат плодна почва за корупција и перење пари.
Како дел од оваа одлука, пратениците одобрија и целосна ревизија на сите издадени пасоши откако оваа практика заживеа во 2013 година. Според Министерството за правда, досега се издадени околу 100 вакви пасоши. Претходната привремена управа минатата година изрази загриженост за можни неправилности во 47 случаи. И покрај оваа одлука, сепак ќе постои можност за добивање дозвола за престој во рамките на програмата.
Малта, исто така, најави дека ќе го прекине издавањето „златни пасоши“ на Русите и Белорусите до понатамошно известување. Според Европскиот парламент, најмалку 130.000 луѓе добиле „златен пасош“ или „златна виза“ во блокот меѓу 2011 и 2019 година, со што спомнатите земји оствариле профит од 21,8 милијарда евра (23,9 милијарди долари).

Подготвил: Марјан Велевски