Фото: Принтскрин

Направивме добар исчекор во конструктивна атмосфера и ќе почнеме нешто да работиме. Секако не беше ден Д, но мислам дека беше во ред, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по 13-часовната средба во Охрид.

Вучиќ посочи дека се договорени неколку точки кои ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни – и за Белград и за Приштина и дека една од клучните која е важна за српската страна, како што рече, е тоа што веднаш треба да биде формирана заедница на српските општини на Косово.

– Во имплементациониот план за нас е значајно што како приоритетна обврска е ставено формирањето на заедница на српските општини и морам да кажам дека сум задоволен со тоа. Знам дека и вечерва албанската страна ќе зборува затоа што ништо не сум потпишал и ништо не потпишав денеска. Мислам дека двајцата ставивме до знаење кои се нивните и кои се нашите црвени линии, но мислам дека направивме добар исчекор во конструктивна атмосфера и ќе почнеме нешто да работиме – рече Вучиќ.

Имплементациониот план, како што рече, сигурно ќе биде проширен, иако, додаде, лично не би му пречело да остане ваков. Треба да се направи и декларација за исчезнати лица и донаторска конференција за пет месеци.

– Сметам дека ако е можно кога разговарате за тешки и непопуларни работи, да кажете дека имате зрно задоволство, можам да кажам дека имам зрно задоволство- изјави српскиот претседател.

Најави дека уште утре на граѓаните на Србија ќе им ја претстави секоја од точките во имплементациониот план, а од понеделник дека ќе има консултации со сите пратенички групи во Собранието.