Фото: Влада / Архива

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека на Србија и претстојат тешки недели и месеци, бидејќи целта на меѓународната заедница е да ја принуди Србија, на овој или оној начин, ставајќи ја во одредена правна рамка, да ја признае независност на Косово, што, како што рече, нема да го направи, јави дописникот на МИА од Белград.

– Затоа ги ставија Албанците под санкции кои не се толку сериозни и со тоа всушност ја уценуваат Србија бидејќи имаме што да изгубиме – изјави Вучиќ.

Тој посочи дека Србија постојано се соочува не само со двојни стандарди, туку и со бескрупулно лицемерно однесување.

– КФОР и НАТО со право се повикуваат на резолуцијата 1244 и тие го црпат својот мандат од тој документ, но кога ќе ги прашате за други норми од истата резолуција, тие ни велат – не гледајте во минатото, туку во иднината – рече тој.

Ние, кои не сме доволно големи, мора да се навикнеме на тоа, додаде Вучиќ.

– Ќе има многу важни разговори, секој ни е важен, но нивната суштинска цел е да не принудат, на овој или оној начин, да не стават во правната рамка, на еден или друг начин да ја признаеме независноста на Косово – истакна Вучиќ.

Вучиќ посочи дека ставот на Србија што не сака да му дозволи на Косово да влезе во ОН носи одредени последици.

– Не беа залудни заканите пред месеци … Ова само ќе продолжи и секој ден ќе зборуваат дека се воведени санкции за Косово, па сите бараат да се воведат и на Србија… Кога ќе прашаме зошто, велат – поради Бањска. Кога ќе прашаме што е со истрагата за обидот за убиство на Драгиша Гаљак Јовановиќ, што со казната на сторителот за обидот за убиство на две деца во Штрпце, нема одговор – рече Вучиќ.

На прашањето дали ќе потпише нешто, Вучиќ одговори дека никогаш нема и изјави дека тоа го кажал неколку пати.

– Веќе илјада пати кажав дека нема, и тоа на најтешките места. Тоа го кажав во лицето на Шолц, Макрон и Мелони. Таму беа и Шарл Мишел, Борел и Лајчак. Пред шестмина нив го реков, тоа им го кажав и претходно во лице – посочи Вучиќ.

Тој додаде дека Србија има предлози за решавање на прашањето за исчезнатите и од српска и од албанска страна, но Приштина не сака да дојдат семејствата на исчезнатите.