Србија

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека може да се очекува во февруари да се сконцентрира притисокот на Србија околу прашањето за Косово бидејќи во европските кругови се проценува дека Европската комисија, односно европските органи до март ќе ја завршат работата бидејќи следуваат европски избори.
– Може да се очекува токму во февруари и март да се сконцентрира тој притисок од различни страни, кој пред сè ќе биде насочен кон тоа Србија да направи значајни отстапки кога станува збор за Косово и Метохија, имајќи предвид дека и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кажа дека ние не се согласуваме на членство на Косово во Обединетите нации и дека нема независност на Косово – изјави Дачиќ во интервју за „Танјуг“.
Тој оцени дека постојат фактори што не сакаат раководството во Србија да биде стабилно и силно, за да не може цврсто да одговара на разните ултиматуми што доаѓаат од Западот, а кои пред сè се однесуваат на Косово.
Од први јануари, Србија дозволи движење на возила со косовски таблички, во согласност со одлуката што беше донесена на 25 декември. Владата на Србија ја објасни како „помош за Србите од Косово и Метохија, која ќе им го олесни животот бидејќи тие најмногу ги користат административните премини“. Одлуката на српската влада да ги признае табличките РКС беше донесена веднаш откако голем број Срби од северот на Косово ги заменија претходно неутралните таблички КС на УНМИК, како и табличките издадени од МВР на Србија со имиња на градови во Косово, со таблички издадени од властите во Приштина. Тоа им е единствениот начин да се движат низ Косово. Според податоците на Владата на Косово, од 1 ноември до 14 декември, 3.405 граѓани, од кои повеќето во општините Северна Митровица и Лепосавиќ, зеле регистарски таблички со РКС. М.Р.Ј.