Србија, Унгарија и Австрија на трилатерална министерска средба за безбедносни прашања
Подготвил: Mарјан Велевски
Интересна констатација презентира во јавноста министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, на трилатералната средба помеѓу Унгарија, Австрија и Србија, која се одржа вчера во Белград. Имено, сите три земји учеснички на средбата се согласиле со идејата „заеднички да формираат сили што ќе бидат подготвени и способни да ја бранат јужната српска граница од илегалните мигранти“
Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, вчера на трилатерална средба, во врска со прашањето за мигрантите, изјави дека Унгарија, Австрија и Србија се договориле да ги здружат силите и дополнително да ги зајакнат границите меѓу Србија и Македонија, како во однос на персоналот, така и на опремата.
На трилатералната средба, во врска со прашањето за мигрантите, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, особено истакна дека тие три земји не ги бранат само своите граници, туку и границите на ЕУ.
Наш заеднички интерес е да ја преместиме таа одбранбена линија на југ и затоа се согласивме да ги обединиме нашите сили и да обезбедиме уште подобро и посериозно зајакнување на границите меѓу Србија и Македонија, и во однос на работната сила и опремата – рече Сијарто.
Тој нагласи дека Унгарија е подготвена да учествува во тие заеднички напори за одбрана на јужната граница на Србија, без разлика дали станува збор за персонал, технологија или опрема, за да се обезбеди најдобра можна заштита на границата на Србија и Македонија.
– Австријците ни помагаат нам и на Србија, а ние ѝ помагаме на Србија – рече Сијарто.
Тој додаде дека досега имало само неколку десетици граничари што учествувале во таа соработка, додека денес се гледа дека таа соработка мора да добие сосема друга димензија.
Мораме заеднички да формираме сили што ќе бидат подготвени и способни да ја бранат српско-македонската граница од илегалните мигранти – рече шефот на унгарската дипломатија.
И Вулин и Шаленберг се согласија за зголемување на безбедноста кон границата со Македонија
Србија ќе го зголеми бројот на луѓе на границата со Македонија за да го намали бројот на нелегални влегувања во земјата, изјави во Белград српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, на трилатералната средба со унгарски и австриски претставници за управување со миграциските процеси. Српскиот министер Вулин по средбата изјави дека ова е нов начин за подобра контрола на миграцијата. Тој нагласи дека „нема да се градат нови прифатни центри, како и дека нема да има проширување на капацитетите“.
Зборувајќи за усогласувањето на визната политика на Србија и ЕУ, Вулин изјави дека Србија таа политика најпрво ќе ја усогласи со оние земји од кои доаѓаат најголем број мигранти во Унгарија и Австрија.
И шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, на состанокот во Белград предупреди дека доколку не се преземат итни мерки, следниот миграциски бран може да биде полош од оној во 2015 година.
– Фокусот на разговорите беше за дополнително интензивирање на криминалистичко-полициската соработка помеѓу Унгарија, Србија и Австрија – рече Шаленберг.
Тој додаде дека на средбата во Белград се разговарало за деталите и конкретните промени во плановите за борба против нерегуларната миграција по должината на балканската маршрута, како и за зголемена заштита на српската граница кон Македонија, но и за усогласување на визниот режим со Србија.
Австриското министерство за внатрешни работи главните причини за зголемување на бројот на барања за азил во Австрија во изминатите месеци ги гледа пред сè во безвизниот режим што Србија го има со Индија и со Тунис. Од јануари до август, во Австрија биле поднесени 56.149 барања за азил, а бројот на баратели од Индија и од Тунис е зголемен за 20 пати.