Фото: Пиксабеј

Словенија

Словенечките медиуми остро ги критикуваа високите цени на хрватското приморје, каде што годинава велат дека е поскапо од Шпанија, Португалија или од Грција, не само во рестораните туку и во продавниците. Словенечка ПОП ТВ емитуваше прилог во кој Словенците се жалеа на високите цени во Хрватска, па за пример го зедоа тврдењето на инфлуенсерот од Босна и Херцеговина, Мирза Мустафагиќ, кој на Тикток објави дека една порција сладолед во Опатија чини 17 евра.
– Откако видов колку чини сладоледот во Опатија, морав да седнам – вели инфлуенсерот од БиХ, чие видео на Тикток има речиси милион прегледи. Некои се согласија со него, а други забележаа дека станува збор за сладолед послужен во хотел со пет ѕвезди. Освен сладолед, Словенците во прилогот купија палачинки со фил од лешник, сервирани на пластична чинија на макарското крајбрежје, која, како што велат, чини пет евра. Цените на лежалките, додаваат, се движат од 25 до 30 евра, заедно со чадор за сонце.

Германскиот сојузен завод за статистика пресмета дека, на пример, германските туристи во Турција плаќаат 41 отсто помалку за ноќевање во хотел или за оброк во ресторан отколку дома, во Шпанија 26 отсто, во Грција 23 отсто, само во Хрватска 18 отсто помалку отколку во Германија, пишува словенечкиот портал „24“. Р.С.