Црна Гора

Цените на недвижностите во Црна Гора растат, а купувачи од Русија и од Украина има сѐ помалку, но се зголемува бројот на Турци, Германци, Французи и Полјаци. Според последните податоци на државниот завод за статистика на Црна Гора, Монстат, во септември минатата година цената на просечен квадратен метар стан во нова зграда во Црна Гора изнесувала 1.647 евра, што е за 300 евра повеќе од почетокот на 2023 година.
– Постои голема опасност да станеме странци во нашата земја, бидејќи поради геополитичката состојба и поради инфлацијата, цените растат и нашите луѓе не можат да купат недвижен имот. Ова најчесто го прават странци – вели Немања Павиќевиќ, новинар од порталот РТЦГ, кој се занимава со пазарот на недвижности.
Извршната директорка на агенција за недвижности, Драгана Ковачевиќ-Никчевиќ, изјави дека просечната цена на стан во Подгорица е 1.800 евра за квадратен метар. Најскапиот стан се нуди по цена од 2.400 евра за квадратен метар, додека најевтиниот е 1.450 евра.
Според податоците на Монстат, во 2023 година биле регистрирани 365.139 стана за 632.083 жители. Тоа е за околу 50.000 стана повеќе во споредба со последниот попис од 2011 година (316.083). Цените за месечната закупнина на стан во Црна Гора се речиси двојно зголемени. За изнајмување на т.н. „студио“, се плаќа од 200 до 400 евра, за еднособни станови од 400 до 700 евра, додека за двособните од 600 до 1.000 евра месечно.