Фото: Пиксабеј

Политичките несогласувања меѓу Загреб и Белград не се мерило за меѓусебните економски односи

Надворешнотрговската размена меѓу Србија и Хрватска во првата половина на 2023 година ја надмина вредноста за истиот период лани. Во првите шест месеци од тековната година, размената изнесува 985,6 милиони евра или за 75,2 милиони повеќе во однос на првото полугодие од претходната година, што е зголемување од 8,3 отсто.
Извозот на српските компании во овој период достигна 549,9 милиони евра, што е за 44,6 милиони евра повеќе (пораст за 8,8 отсто) во однос на истиот период од претходната година. Увозот од Хрватска во првата половина од годинава е зголемен за 30,8 милиони евра и изнесува 435,8 милиони, што претставува зголемување од 7,6 отсто во однос на истиот период од 2022 година. Остварениот суфицит во стоковна размена меѓу Србија и Хрватска во првите шест месеци изнесува 114,1 милиони евра и е за 13,8 милиони повеќе од претходната година кога изнесуваше 100,3 милиони евра.
Наспроти политичките односи меѓу Србија и Хрватска, зголемувањето на извозот на стоки на хрватскиот пазар е резултат на зголемувањето на испораката на стоки, кои вообичаено се дел од трговската активност меѓу овие две земји. Особено беше истакнат порастот на извозот на минерални горива, пластика, ѓубрива, облека и додатоци, котли и машини, железо и челик, масти и масла, производи од жито, мебел и постелнина, хартија и картон.
Кога станува збор за увозот од Хрватска на листата се минерални горива, масла и восоци, битуменозни материи, маслодајни семиња и овошје, индустриски и лековити билки, котли, машини и уреди, реактори, хартија и картон, стакло и производи, сол, сулфур, земја и камен, гипс, вар и цемент, разни прехранбени производи, месо, риба и производи од безрбетници, пластика и производи, гума и производи. Зголемувањето на вредноста на извозот во овој период е резултат и на растот на цените на стоките, што делумно е последица на воениот конфликт во Украина.
Реалниот суфицит во стоковната размена меѓу Србија и Хрватска, во текот на 2022 година, изнесува 253,2 милиони евра и е за 235,8 милиони евра поголем, во однос на претходната година кога изнесуваше 17,4 милиони евра. Зголемувањето на суфицитот е резултат на значителното зголемување на извозот на стоки во Хрватска, наспроти зголемувањето на увозот на стоки од овој пазар. Во вкупниот остварен извоз на Србија во 2022 година, Хрватска е на шесто место и таа учествува со 4,2 отсто, а според висината на увозот од земјите во светот, остварениот увоз од Хрватска во 2022 година ја рангира оваа земја на 14-то место, со 2,3 отсто од вкупниот увоз на Србија.
До почетокот на август 2023 година се регистрирани 907 деловни субјекти чиишто мнозински сопственици се правни и/или физички лица од Хрватска.
Од вкупниот промет меѓу Србија и Хрватска во текот на претходната година, 10 отсто (203,85 милиони евра) оствариле компании основани со хрватски капитал. Во вкупниот извоз на Србија во Хрватска, правни или физички лица од Хрватска продале стока во вредност од 61,8 милион евра, односно 5,3 отсто.