Фото: Илустрација/ Пекселс

Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ ќе иницира обештетување на жртвите од Голи Оток, соопштија од Кабинетот на шефот на државата..

Милатовиќ рече дека Голи Оток претставува црна точка во историјата на Црна Гора и симбол на страдањето на илјадници граѓани и нивните семејства и дека ги поддржува долгогодишните напори на граѓанското општество и Здружението на жртвите на Голи Оток за решавање на ова прашање, како што е веќе направено во Словенија, Хрватска и Србија.

– Само онаа држава што го исполнува својот морален долг кон оние чии права беа грубо прекршени и чии страдања беа игнорирани со години, може да чекори по патот на вистинскиот напредок – рече Милатовиќ.

Од 1949 до 1956 година, Голи Оток беше суров југословенски затвор и работен логор за политичките противници, првенствено сталинисти и поддржувачи на Советскиот Сојуз. Во тоа време низ него поминале повеќе од 16.000 луѓе, од кои 413 таму починале.

Според „Пописот на казненици на општествено корисна работа и осуденици по ИБ-то“, изработен од страна на Сојузниот секретаријат за внатрешни работи, на Голи Оток биле затворени 16.101 лица од кои 15.173 мажи и 928 жени. Од нив, според овој попис, 801 лице или 5 отсто од сите затвореници биле Македонци.

Од 1956 до 1980 година, комплексот беше хрватски затвор за криминалци и тешки малолетни деликвенти. Конечно беше затворен во 1988 година.

Србија, Хрватска и Словенија донесоа закони со кои се овозможува рехабилитација на поранешните политички затвореници и обештетување за нив и нивните семејства. Невладините организации посочуваат дека официјална Подгорица направила далеку најмалку за жртвите на Голи Оток да им ја даде правдата што ја заслужуваат. Голи Оток бил машки затвор, додека Свети Гргур бил женски затвор, каде имало 3.399 Црногорци, од кои 130 жени.