Бугарската полиција покажа ефикасност во справувањето со украинските криминалци

Откако започна воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, повеќе од 700 илјади бегалци побараа спас во Бугарија. Таму добиваат помош од бугарскиот Црвен крст, како и од здруженијата на одамна иселени Украинци што живеат во Бугарија. Најголемиот број од нив го продолжи патот понатаму, одејќи во други европски земји, а некои од нив се вратија назад во Украина. Во моментов се проценува дека во Бугарија престојуваат над 50 илјади Украинци, а околу 80 проценти од нив се жени и деца. За жал, и во вакви услови, криминалците не мируваат. Во делот од чесни украински граѓани, инфилтрирани во групите со статус на бегалци, низ Бугарија пустошат организирани криминални банди, кои, според бугарската полиција, се извршители на многу кривични дела преку кои се стекнуваат со голема (противправна) имотна корист. Бугарската полиција е ефикасна, но во моментов има полни раце работа

Со украинскиот контингент бегалци во Бугарија прикриено влегле и членови на опасни криминални групи и организации

Од почетокот на руско-украинската војна, цивилното население од Украина почна масовно да ја напушта земјата. Бегството од сирените, од стравот за сопствениот живот и животот на најблиските, ги натера Украинците да бараат прибежиште насекаде низ светот, но и на Балканот. Една од дестинациите каде што тие побараа спас од војната е соседна Бугарија.

Провалните кражби во станови сѐ почести, голем број од Украинци лишени од слобода

Откако започна воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, повеќе од 700 илјади бегалци побараа спас во Бугарија. Таму добиваат помош од бугарскиот Црвен крст, како и од здруженијата на одамна иселени Украинци што живеат во Бугарија. Најголемиот број од нив го продолжи патот понатаму, одејќи во други европски земји, а некои од нив се вратија назад во Украина. Во моментов се проценува дека во Бугарија престојуваат над 50 илјади Украинци, а околу 80 проценти од нив се жени и деца.
За жал, и во вакви услови, криминалците не мируваат. Откако Бугарија ги отвори вратите за украинските бегалци, низ бугарските градови се забележани украински банди што често вршат провални кражби во станови. Бугарската полиција е ефикасна, но засега има полни раце работа, а доколку продолжи ова темпо, ќе треба да ги засилува своите активности и да се дополнува со ресурси. На пример, карактеристичен е случајот од неодамна, кога бугарската полиција во Бургас уапси тројца бегалци од Украина кај кои беа пронајдени украдени пари во домашна и странска валута и златен накит, кои штотуку ги украле. Но набргу по нивното апсење излезе дека тројцата се фатени речиси истовремено додека се одвивало сослушувањето на двајца украински крадци што исто така претходно биле фатени за кражби во овој бугарски град?! Триото всушност соработувало со претходно уапсените две лица, а и со низа други криминални банди, бидејќи на идентичен начин (модус операнди) ги реализирале кражбите. Според бугарските форензичари, крадците од двете споменати групи, со добро направен и разработен систем, упаѓале во становите, од каде што краделе злато и пари. Потоа успешно ги заклучувале становите, за сопствениците да не можат да сфатат дека се ограбени. Првите двајца уапсени успеале да украдат 100 илјади лева во готовина и злато само од еден стан во овој станбен комплекс.
– Лицата се на возраст од 41 до 44 години, со криминални досиеја за слични злосторства во Украина – се наведува во извештајот на полицијата во Киев.
Пленот го откривале пребарувајќи низ населбите со возило со украински регистарски таблички. По извесно време, автомобилот ѝ станал сомнителен на полицијата, па поради тоа бил следен и набргу потоа запрен. Кога полицијата извршила претрес на возилото, открила три мобилни телефони со избришани имиња и броеви и украински сим-картички, како и суми на пари во банкноти што одговараат на украдените од станот во станбениот комплекс „Изгрев“. Во автомобилот, кој бил запрен на улица, полицијата пронашла два комплета со голем број празни клучеви, алатки и технички средства за отклучување сефови и тајни брави.
– Со оглед на нивното криминално минато во Украина, за кое добивме информации и беше откриено дека се осудени за многу кривични дела, вклучувајќи и кражба од големи размери, тие покажаа голема конспиративност при извршувањето на кражбите. Утврдено е дека се движеле со автомобилите и во други области на државата – рече високиот комесар од полицијата во Бургас, Калојан Калојанов.

Украинските банди пустошат низ Бугарија

Според бугарската полиција и форензичарите, украинските банди што оперираат во Бугарија, откако се пристигнати во земјата како бегалци, своите криминални планови ги реализирале доста „мудро“.
Според бугарската полиција, украинските криминалци „користат сѐ што може да се замисли за провалната кражба да остане незабележана повеќе денови од страна на „жртвите“ и да биде подолго непријавена. Полицијата извршила претрес на неколку локации за кои се претпоставувало дека групите биле сместени, а на три адреси пронашла голем број алатки за отклучување и кршење врати – клешти, шрафцигери, турпии, прекинувачи – вкупно 135 парчиња.
Пронајдени се различни валути – 118 илјади долари, 40 илјади евра, 20 илјади лева и други парични единици, чие потекло дополнително се утврдува.
Крадците ги чувале украдените пари и предмети најмалку во три стана. Еден од становите бил користен и од женска личност, исто така од Украина, па се претпоставува дека им била соработничка на криминалците.
– Украдените суми се потрошени многу брзо, на пример по кражбата веднаш купиле два ајфона за 5.000 лева – објасни Калојанов.
На Украинците што провалувале и краделе од станови во Бургас им се заканува казна затвор од три до 15 години.
Високиот комесар Калојанов откри дека еден од крадците е во Бугарија со семејството од јули и живее под кирија со сопругата и детето во Бургас. И вториот е дојден во јули, но нема статус и живее под кирија во Несебар.


Бегалците во Бугарија имаат право на работа, засолниште, образование, финансиска поддршка и здравствена заштита, а сепак некои го злоупотребуваат гостопримството

Како земја-членка на Европската Унија, Бугарија мораше да се придржува до Директивата за привремена заштита на бегалците, што значи дека бегалците имаат право на работа, засолниште, образование, финансиска поддршка и пристап до здравствена заштита три години.
Сепак, проблемот во оваа земја се појави уште на почетокот, околу сместувањето на бегалците, па критичарите истакнаа дека Бугарија нема никаква стратегија за интеграција на украинските бегалци во општеството, а владите во земјата носат избрзани одлуки. Па, така, наместо целосна интеграција во општеството, бугарската влада успеа да се фокусира само на сместувањето на украинските бегалци, на кои главно им даде засолниште според националната програма во хотели во туристичките центри. Некои од политичарите се спротивставија на тоа и најавија укинување на државното финансирање за нивното сместување, па бегалците излегоа и на протести, со барање да продолжи програмата.
Демонстрантите испратија петиција до Министерскиот совет, во која прецизираа дека хотелиерите ги хранат со сопствени средства, но храната е недоволна.
– Не појадуваме. Нѐ хранат со супа или каша двапати на ден. Не е доволно, туку е она малку што го имаме – изјави за БНТ Наталија Корнјуша од Украина, која е мајка на мало дете.
Украинските бегалци беа загрижени поради новата одлука на бугарските власти, според која новодојдените од Украина не смеат да бидат сместени во приватни хотели, туку треба директно да бидат пренасочени во државните сместувачки капацитети, а доколку сакаат хотелско сместување, ќе треба да платат за тоа.
Според Украинците, многу нивни сонародници што до тој момент биле сместени во приватни хотели, поради недостиг од храна, сега заминале во Романија. Така, хотелите остануваат полупразни, што доведува до многу загуби за хотелиерите, бидејќи државата нема да плаќа доколку немаат сместено бегалци во своите објекти.
Од друга страна, пак, некои од сопствениците на хотели во Бугарија реагираа дека не добиле никаков или дека добиле само дел од ветениот паричен надомест за прифаќањето украински бегалци во нивните сместувачки капацитети па токму затоа и не ги отвораат своите врати за бегалците. Дополнително, како што тврдат, собите каде што ги сместувале бегалците, откако тие заминале, биле оставени во тотален хаос, со големи оштетувања. Според нив, бројката на оштетени хотелиери достигнува и над 150 сопственици.

[email protected]