Фото: ЕПА

Албанија

Албанскиот парламент со мнозинството од 75 гласови „за“, на пленарна седница му го одзеде пратеничкиот мандат на поранешниот албански претседател и лидер на повеќебројното крило на опозициските демократи, Сали Бериша. Со оваа одлука на законодавниот дом се отвора патот, Специјалното обвинителство и судот против организиран криминал и корупција да одредат мерка затворски или домашен притвор. Поради возраста на Бериша, кој има 79 години, мерката што ќе му биде определена ќе биде домашен притвор, бидејќи законот не дозволува затворски притвор за лица повозрасни од 70 години.
Седницата, на која експресно беа усвоени повеќе одлуки, мина во веќе познатата хаотична атмосфера, со блокирање на собраниската говорница, активирање чадни бомби, извикување недолични зборови од страна на опозициските пратеници – приврзаници на Бериша. Покрај неколкупати повторениот повик од страна на претседателката на парламентот, Линдита Никола, да го оствари правото на говор, Бериша тоа го одби.
Седницата се одржа под засилени безбедносни мерки, во кои се ангажирани околу илјада полициски службеници и припадници на Националната гарда, кои се распоредени во и околу објектот на албанскиот законодавен дом.
Пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието влегоа два часа пред почетокот на седницата, по претходната најава дека опозицијата ќе го блокира влезот.
Пред почетокот на седницата од собраниската сала преку видеообраќање Бериша порача: „Или денес, или никогаш, денес е ден за битка“. Пред парламентот вчера беа собрани поголем број членови и поддржувачи на крилото на Бериша, „Обнова на ДП“.

Подготвил: Митко Јовановски