Фото: Принтскрин / Јутјуб

Во Тирана утре ќе се одржи официјалната церемонија на трансфер на функцијата претседател на Албанија, меѓу досегашниот Илир Мета и новоизбраниот Бајрам Бегај.

Според агендата, Бегај во 18 часот на посебна седница на законодавниот дом ќе положи заклетва, а со седницата ќе претседава претседателката на Парламентот, Линдита Никола а по читањето на заклетвата, ќе се заколне пред пратениците на Собранието, по што ќе одржи и поздравен говор.

Втората церемонија ќе се одржи во претседателската резиденција во 19 часот и 30 минути. На оваа церемонија актуелниот претседател Мета функцијата ќе му ја предаде на Бегај, кој ќе биде придружуван од неговото семејство.

Симболично, претседателката на Уставниот суд, Виторе Туша ќе му го предаде Уставот, а дел од церемонијата ќе бидат и 21 артилериски топовски истрел во интервал од 30 секунди еден од друг. Ќе има и свечен прием во дворот на резиденцијата.

Бегај (55), предлог на владејачките социјалисти, беше избран на 4 јуни во четвртиот круг од гласањето (во трите немаше кандидати) со 78 гласови „за“, што подразбира дека гласаа и опозициски пратеници, четворица пратеници гласаа „против“, додека еден беше „воздржан“, од вкупно 140 пратеници колку што брои Парламентот.

Пред да биде избран Бегај беше началник на Генералштабот на вооружените сили, со чин генерал.

Тој е осмиот претседател на Албанија, по падот на комунизмот и е втор висок армиски старешина на оваа функција, по Алфред Моисиу (2002-2007), кој исто така по чин беше генерал.