Фото: ЕПА

По купувањето на борбените авиони „рафал“ и на противвоздушниот систем „мистрал“ и склучувањето договор на дополнителни хеликоптери „блек хок“, Хрватска се подготвува да потпише договор за набавка на досега најмоќното оружје во хрватската војска – американскиот ракетен систем ХИМАРС

Хрватска во динамичен процес за модернизација на својот воен арсенал

Военото раководство на Хрватска става фокус на опремување на своите вооружени сили со нови моќни системи со долг дострел и голема огнена моќ, при што се предвидува земјата до крајот на годинава да потпише договор со САД за набавка на ракетниот систем ХИМАРС. Станува збор за набавка на досега најмоќното оружје за хрватската војска, по купувањето на борбените авиони „рафал“ и противвоздушниот систем „мистрал“ и склучувањето договор за дополнителни хеликоптери „блек хок“. На тој начин Хрватска продолжува со динамиката за модернизирањето на воениот арсенал со најново оружје.

Продолжува транзицијата кон западна воена технологија и поголем степен на синхронизација на воената интероперабилност

Хрватските воени аналитичари ја оценуваат набавката на системот ХИМАРС како очекувана одлука, со која државата ја продолжува транзицијата кон модерна западна воена технологија.
– Ние досега не сме имале ваков тип на оружје. Најблиску што имаме е стариот советски систем ГРАД. Но тој има помал дострел од ХИМАРС, помалку е прецизен и, генерално, помалку ефикасен. Ова, всушност, е продолжение на трансферот од источна воена технологија кон западна, која главно започна со замената на авионите „МиГ“ со „рафали“ – истакна воениот аналитичар Маринко Огорец во изјава за хрватски „Индекс“.
Тој додава дека на Хрватска ѝ се потребни системи со долг дострел.
– Моја претпоставка е дека на Хрватска ѝ требаат артилериски системи со долг дострел. Имаме германски „ПзХ 2000“, но засега има малку и треба да набавиме многу повеќе од нив. Тие треба да ја заменат преостанатата артилерија што беше значително потрошена во татковинската војна. Како заклучок, ни треба сѐ, а ХИМАРС е добра опција – тврди Огорец.
Договорот што допрва треба да биде потпишан, според информациите на хрватскиот весник, вреди околу 300 милиони долари и ќе биде наменет за набавка на повеќецевниот ракетен фрлач М142 ХИМАРС.
– Преговорите со САД траеле околу две години, а во тек е набавка на целосно нов систем. Целата набавка се очекува да биде комплетирана во следните четири години, а плаќањето најверојатно ќе се врши авансно и на месечни рати – пренесува „Јутарњи лист“. Р.С.


ХИМАРС – исклучителен артилериски систем земја-земја

ХИМАРС е исклучително подвижен артилериски систем земја-земја на тркала. Системот вклучува камион тежок пет тона, систем за контрола на пожарот и т.н. контејнер со капацитет од шест проектили што може да ги истрела речиси истовремено. Возилото има способност и брзо да ја промени позицијата за да избегне контраудар. Развиен е во првата половина од 1990-тите години, а производството почнало во 2003 година.
Само три европски земји, Романија, Полска и Украина, засега го поседуваат системот ХИМАРС. Ефикасноста на употребата на фронтот во Украина ја истакнува неговата моќ, откако Киев го доби системот во рамките на испратената западна помош.
За издвојување е дека воените аналитичари сметаат дека со набавката на ХИМАРС, Хрватска значително ќе го смени во своја корист односот на воената моќ во регионот. Но, исто така, аналитичарите издвојуваат дека и земјите во хрватското опкружување, имено Унгарија и Србија во последниве години многу повеќе ги зголемуваат своите воени трошоци и тие се меѓу водечките земји во Европа во овој поглед.