Државната изборна комисија (ДИК) на Хрватска вечерва ги објави првите неофицијални резултати од обработени над 50 отсто од избирачките места, кои покажуваат дека актуелниот претседател и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, освоил 50,11 отсто, а кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Драган Приморац 20,33 отсто од гласовите.
Ова се првите резултати од ДИК, кои ќе се ажурираат на секои десет минути додека не се обработат сите гласови.
Доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од дадените гласови, двајцата кандидати со најмногу гласови влегуваат во вториот круг.
Според податоците на ДИК, на трето место е независната кандидатка Марија Селак Распудиќ со 8,11 отсто, а зад неа е кандидатот на Можеме – Ивана Кекиќ со 7,28 отсто.
Во меѓувреме беа објавени и конечните резултати од излезните анкети кои покажуваат дека Милановиќ има 50,74 отсто од гласовите, а Приморац 19,04 отсто, со назнака дека е можна статистичка грешка од еден отсто.
Во анализите се проценува дека конечните резултати, односно дали ќе се оди во вториот круг или не, би можеле да се утврдат со гласови од дијаспората, најмногу од БиХ, со оглед на тоа што Милановиќ е речиси 50 отсто, па секој глас ќе биде важен.
Тие гласови не биле вклучени во истражувањето, а според хрватските медиуми, дијаспората е единствената изборна единица во која Милановиќ нема да извојува убедлива победа.
Според првите податоци од излезните анкети, објавени од хрватската „Нова ТВ“, Милановиќ освоил 51,48 отсто, што, доколку се покажат како точни, би било негова победа во првиот круг од претседателските избори во Хрватска.
Според истите податоци, кандидатот на ХДЗ Драган Приморац има поддршка од 19,29 отсто, независната кандидатка Марија Селак Распудиќ 8,84 отсто, а кандидатката на Можеме – Ивана Кекин 8,33 отсто.
Исто така, независниот кандидат Томислав Јоњиќ има поддршка од 3,99 отсто, Миро Буљ од партијата Мост има 3,48 отсто, Бранка Лозо од Домино 2,56 отсто и Нико Токиќ Картело, независниот кандидат, 0,80 отсто.
Актуелниот претседател кој според излезните анкети победува во првиот изборен круг со повеќе од 51 отсто поддршка, им се заблагодари на гласачите на социјалната мрежа Фејсбук.
„Ви благодарам на сите за поддршката“, напиша Милановиќ.
Во Хрватска денеска се одржа последниот чин од таканаречената суперизборна година – осми избори за претседател на државата – се одржа првиот круг од претседателските избори, по парламентарните избори во април и европските во јуни, на кои учествуваа осум кандидати.
Се гласаше на нешто повеќе од 6.500 избирачки места, а право на глас имаа 3.762.224 гласачи.
Од независноста на Хрватска, Фрањо Туѓман и Стјепан Месиќ беа претседатели во два мандата. По еден мандат освоија Иво Јосиповиќ и Колинда Грабар Китаровиќ. Актуелниот претседател Зоран Милановиќ на овие избори се бори за втор мандат.