Србија
Малолетниот К.К. (14), кој изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, вчера беше донесен во Специјалниот суд во Белград каде што требаше да сведочи во судскиот процес против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ. Тој за првпат е изнесен од психијатриската установа во која е сместен откако го извршил злосторството.
Детето убиец е донесено со возило на брза помош, придружувано од полицијата во судот. Родителите на убиените деца, видно потресени, присуствуваат на судењето.
Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструктор на стрелиште што таткото и синот Кецмановиќ го посетувале, Немања Маринковиќ, кој е обвинет за кривичното дело давање лажен исказ.
Малолетното лице К.К., кој на 3 мај минатата година изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, за првпат лице в лице се сретна со семејствата на своите жртви, но и со своите родители, со кои му е забрането да комуницира. Неговите родители на претходните рочишта ја изнесоа својата одбрана и негираа вина. Во овој случај, судот го затвори судењето за јавноста поради заштита на интересите на малолетните жртви.
Таткото на момчето е обвинет за тешко кривично дело против општата безбедност, бидејќи однел 13-годишно дете на стрелиште и го научил да пука, како и дека дома небезбедно чувал оружје. Момчето К.К. во моментот на кривичното дело, во кое на училиште пукајќи со пиштоли што му припаѓале на татко му, уби 10, а рани пет лица, сè уште немало 14 години, поради што не одговара кривично. Р.С.