Владата на Косово оцени дека со организирањето на процесот на гласање за разрешување на градоначалниците на косовскиот север, Косово ги исполнило своите обврски и побара од Европската унија (ЕУ) да ги укине санкциите кои му ги воведе во јуни минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното соопштение на Владата се наведува дека без разлика на резултатот, обврската што ја имаше Косово е исполнета.
– Со завршувањето на овој процес, без разлика на резултатот, Република Косово ја исполни својата обврска кон своите граѓани и одговорноста преземена од договорот со Европската унија за деескалација на ситуацијата на северот на земјата. Затоа, по вчерашното гласање, време е конечно да се отстранат неправедните мерки кон Косово – се вели во соопштението на Владата.
Според неа, резултатите од гласањето во недела покажуваат дека нема волја за разрешување на градоначалниците.
– Владата на Република Косово изразува жалење за слабата излезност на вчерашното гласање и им се заблагодарува на оние кои го искористија своето демократско и законско право. Свесни сме за околностите во четирите општини на северот на Косово, особено за големиот притисок што го вршат белградските власти врз косовските граѓани од српска националност во овие општини. Резултатите од вчерашното гласање покажуваат дека нема волја за разрешување на актуелните градоначалници на општините – се вели во соопштението.
Владата ја обвини најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, за бојкот на процесот.
– Потсетуваме дека овој процес беше поттикнат од постојаното барање за нови избори во овие општини, кои произлегуваат од немањето целосен легитимитет на актуелните градоначалници по слабата излезност на граѓаните на изборите од 23 април 2023 година… Но, Српска листа, која првично беше причина за изборите на 23 април преку оставка на нејзините градоначалници, а потоа и иницијатор на вчерашното гласање, повторно ги бојкотираше демократските процеси наспроти повиците на меѓународната заедница и граѓанскиот интерес – се вели во соопштението.
Владата изрази подготвеност да ги поддржи градоначалниците.
– Во оваа прилика, Владата на Република Косово уште еднаш ја изразува својата поддршка и подготвеност да соработува со градоначалниците на општините Северна Митровица, Звечан, Зубин-Поток и Лепосавиќ во исполнувањето на нивните надлежности и во служба на граѓаните од овие четири општини, без разлика на нивната припадност – се вели во соопштението.
Во четирите општини во северно Косово, Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин-Поток се организираше гласање за разрешување на градоначалниците. Но, иницијативата на српските граѓани пропадна.
За разрешување на градоначалниците, требаше да гласаат 50 отсто од над 46-те илјади гласачи запишани во избирачкиот список, но на крајот на денот беа собрани едвам 250 гласа во четирите општини. Доколку се исполнеше овој услов, ќе се организираа вонредни локални избори во споменатите општини. Со оглед дека учествуваа помалку од 50 отсто, гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.
Според Централната изборна комисија, во Северна Митровица гласале 111 лица, во Лепосавиќ 124, во Зубин-Поток 18 и во Звечан ниту еден.