Јованка Броз, Јосип Броз Тито и Претседателот Никсон со сопругата на тераса на Белата куќа фотографија: Белата куќа

Поранешната прва дама на СФР Југославија, Јованка Броз, почина на 89-годишна возраст од срцев удар, на денешен ден во 2013 година, откако последните години од животот ги помина во екстремна изолација и голема беда, пренесуваат српските медиуми. Нејзина последна желба била да биде погребана во Куќата на цвеќето до сопругот Јосип Броз Тито.

– Живеам од инает и додека сум жива ќе се борам за правда и за она што ми припаѓа. Јас сум жилава Лиќанка, таква сум, така ќе умрам. Не сум јас некој протоколарен декор, кој можат само да го отстранат и уништат. Имам челични нерви и, фала богу, здравјето ме чува, па ќе продолжиме да се бориме. Со години ме застрашуваат, ме малтретираат затоа што мислат дека ако ме убијат, ќе ги убијат и сите тајни од таа ера, од животот на Тито. А во тоа нема да успеат – му рече Јованка Броз на Жарко Јокановиќ, кој во книгата „Мојот живот, мојата вистина“ објави низа исповеди од повеќегодишни разговори со првата дама на Југославија.

Задоволувањето на правдата Јованка не го доживеа. Почина во голема беда во 2013 година во Белград, по 33 години во изолација, чекајќи го оставинското решение за да дознае што ѝ припаѓа по смртта на нејзиниот сопруг.

Јованка Броз како партизанка
фото: ЈНА

Јованка Будисављевиќ на партизаните им се приклучила кога имала само 17 години и добила бројни одликувања, а за време на војната била и двапати ранета во нозете. По војната го добила чинот мајор, а подоцна станала потполковник.

Таа како млада партизанка по потекло од Лика, стана сопруга на југословенскиот претседател во април 1952 година, кога била 32 години помлада од Тито. Јованка се омажила за Тито кога имала 28 години, а тој 60.

Последните три години од животот на Тито нејзе ѝ било забрането да го види сопругот, а само еден месец по неговата смрт била исфрлена од куќата на „Ужичка 15“. Била облечена само во ноќница и не можела да земе ништо од своите лични работи зашто ѝ се заканувале со оружје.

Таа потоа била префрлена во своевиден домашен притвор во старата вила на Дедиње. Вилата немала греење и прокиснувала, а Јованка кај себе немала ниту лични документи, ниту здравствена книшка.

Телото на Јованка Броз беше спуштено во гробот со тактовите на популарната италијанска партизанска песна „Bella, ciao“.