Фото: Википедија

Бугарија има потреба од влада што ќе биде поддржана од политичките партии и ќе има јасен коалициски договор, изјави денеска лидерот на „Бугарски подем“, Стефан Јанев, на консултацијата со бугарскиот претседател, Румен Радев.

Според Јанев, не е важно дали таа ќе се нарекува експертска или не, се додека е јасно кој ја сноси политичката одговорност за неа.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, партијата на Јанев е подготвена да води дијалог со сите политички партии и коалиции во 48. Народно собрание на Бугарија. Затоа Јанев ги повикува сите партии да формираат работни групи и да ги подготват своите приоритети, кои на крајот би можеле да бидат вклучени во коалициски договор.

Претседателот Радев изјави дека мина еден месец од почетокот на политичките консултации и речиси два од предвремените парламентарни избори. Тој кажа дека место да се занимава со составот на новата бугарска влада и да се занимава со проблемите кои директно ги засегаат бугарските граѓани, кои се легитимни според Планот за закрепнување и отпорност, 48-то Национално собрание одлучило да се занимава со Изборниот законик. Тој изрази сомневање дали тоа е главниот приоритет на бугарското општество, како и четиричасовниот спор за името на законот.

Лидерот на „Бугарски подем“ се согласи со шефот на државата дека расправата за измените на Изборниот законик не е итна потреба.

Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, со оваа средба  бугарскиот претседател ги заврши политичките консултации со парламентарните партии во 48. Народно собрание пред да го издаде првиот мандат за формирање влада.