Фото: Маја Јаневска-Илиева

Станува очигледно дека ЕУ закрепнува побавно од повеќеслојната криза (пандемија, инфлација, воени судири итн.) за разлика од другите развиени земји во светот. Во САД продолжи да се продлабочува кризата, а Кина го забрза своето приближување до ЕУ. Големите економии, како што се Германија, Италија и Франција, сѐ уште се борат со закрепнување по пандемијата, а војната во Европа дополнително им ги искомплицира развојните планови. Но ситуацијата не е секаде иста, па посиромашните земји постигнуваат многу подобри економски резултати. Меѓу нив е и Хрватска.

На Хрватите не им е полошо, туку напротив

Судејќи според потрошувачката, заштедите и заемите, населението во Хрватска поминува релативно добро. Всушност, тешко е да се најде индикатор што сугерира дека финансиската состојба на Хрватите е полоша од порано. Има сѐ помалку луѓе со блокирани сметки, платите силно пораснаа, потрошувачката во продавниците е рекордна, уделот на кредити што не се враќаат се намалува, сѐ повеќе се земаат ненаменски готовински кредити. Високиот раст на цените и воведувањето на еврото беа шокови што ја нарушија перцепцијата, но податоците за тоа колку хрватските граѓани трошат, позајмуваат и колку се платени ги отсликуваат работите во еден подобар контекст. Имено, општата мерка за економскиот раст е БДП, што несомнено покажува дека Хрватска е една од земјите што најдобро закрепнуваат во ЕУ. Всушност, кога ќе се спореди БДП во 2019 година и денес, Хрватска е рекордер во ЕУ.

Хрватски „Индекс“ го потврдува растечкиот социјално-економски статус на Хрватите повикувајќи се на истражувањето на „Евростат“

Хрватска има четврти најголем раст во ЕУ, по Романија (16,1 отсто), Кипар (15,8 отсто) и Малта (12,4 отсто). Најголем пад на обемот на продажбата на мало е забележан во Белгија (-10,2 отсто), Естонија (-9,7 отсто), Финска (-8,3 отсто), Данска (-7,9 отсто) и во Шведска (-5,6 отсто).
Главната причина за големиот пораст на прометот во продавниците на мало во Хрватска е – зголемувањето на платите. Само во периодот од април, мај и јуни 2023 година до истиот период годинава, овој раст номинално изнесува 17 отсто. Тој процент крие многу детали, како на пример дали високите или ниските плати пораснале повеќе, во кои индустрии растот бил најголем итн. Главната разлика се појавува помеѓу приватниот/бизнис-секторот од една страна и јавниот/неделовниот сектор од друга. Вкупниот раст на платите од 17 отсто крие дека во приватниот сектор растот всушност бил 12,1 отсто, а во јавниот дури 29 отсто. Тоа е многу повеќе од просекот на ЕУ, каде што платите во двата сектора пораснаа за ист процентен поен, односно за 5 отсто.

Хрватска народна банка (ХНБ): Ненаменските готовински кредити до средината на годинава пораснале на 8,7 милијарди евра

Натаму, Хрватите не трошат повеќе само во малопродажбата. На пример, во првите четири месеци се продадени 22.288 нови автомобили, што е раст од 13,5 отсто во однос на истиот период лани. Расте прометот во услужните дејности, како и во угостителството. Зголемувањето на трошоците не доаѓа само од зголемувањето на платите. Според податоците на Хрватската народна банка (ХНБ), ненаменските готовински кредити на крајот на 2020 година изнесувале помалку од 7 милијарди евра, а до средината на годинава пораснале на 8,7 милијарди евра. Тоа е голем раст за краток временски период, а не е резултат на неможност за задоволување на дневните потреби, туку задолжување за купување поскапи производи. Уделот на овие кредити што не се враќаат всушност се намалува, од 8,2 отсто на крајот на 2020 година на 5,54 отсто на крајот на јуни годинава. Ако подобро се погледне кога најмногу пораснале кредитите, се забележува дека растот е најголем по почетокот на годинава, особено по март. До 2023 година растот беше меѓу 2,12 и 2,8 отсто по квартал, а од почетокот на годинава од 3,76 до 4,53 отсто по квартал. Најавата и спроведувањето на големото зголемување на платите во јавниот сектор де одговорни за наглиот раст на ненаменските готовински кредити. Во тој контекст, главниот економист на Хрватската народна банка (ХНБ) на државната телевизија ХРТ изјави: „Вработените во јавните служби зедоа повисоки плати, а во последните неколку месеци многу од нив решија тие покачувања од 100, 200, 300 евра да ги претворат во кредити од 10.000 евра. А тоа во голема мера го забрза растот на кредитите“.

Ангел Митревски, постојан соработник од Хрватска