„Ќе дојде време и погоден момент кога ќе се изразат несогласувања околу името или територијалната локација на новата автокефална црква“, вели неврокопскиот владика
Наспроти повеќето сестрински православни цркви, кои го поздравуваат чинот на враќањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во православното единство, од Бугарија доаѓаат сосема поинакви тонови. Така, митрополитот неврокопски Серафим (Неврокопската епархија на Бугарската православна црква ја опфаќа Пиринска Македонија) наместо да ја поздрави радосната вест, направи нова провокација. Тој беше запрашан од водителот на бугарското национално радио дали БПЦ го губи чувството за историска вистина поради фактот што вселенскиот патријарх ја призна Македонската православна црква како Охридска архиепископија.
Според владиката одговорен за Пиринска Македонија, „историјата е јасна и категорично е познато дека Охридската архиепископија е создадена и го носи ова име со додаток – Бугарија и за Бугарите. И така е за многу долг историски период… Времето ќе покаже, но ние мора да ја поддржиме историската вистина.
Сега на ред е МПЦ да биде признаена од сите помесни цркви, па ќе дојде време и погоден момент кога ќе се изразат несогласувања околу името или територијалната локација на новата автокефална црква“.
Владиката Серафим смета дека е можно мирно да се разговара и да се решат прашањата од минатото и иднината: во однос на името, територијата и сѐ друго што ќе се воспостави сега. Според него, потребно е да се бара начин како да се зачува историската вистина и соодветно да се дојде до добри, нормални, не само човечки туку и братски меѓухристијански односи.