Хрватска

Хрватската јавност е згрозена од последниот настан кога туристички брод со 50 патници удри во сплитското западно крајбрежје, а набргу потоа и потона. За среќа, нема повредени ниту настрадани, бидејќи сите патници биле навреме евакуирани и успеале да излезат на брегот.
Според официјалното соопштение, бродот „Морска вила“ удрил во брегот наречен Бранимир, во 2.30 часот. На бродот имало 50 патници и сите успеале да се симнат и да излезат на брегот, а, за среќа, нема повредени. Бродот подоцна потонал. На местото на настанот излегле пожарникари, вработени во Капетанијата на пристаништата и полициски службеници.
Но она што не е спомнато во официјалното соопштение е податокот дека бродот удрил во делот од пристаништето каде што се наоѓа бензинската пумпа на „Ина“, на која со гориво се снабдуваат бродовите. Граѓаните се вознемирени бидејќи не сакаат ниту да помислат што можело да се случи во такви околности.
Интересно е да се додаде дека за време на истрагата што ја спроведува Капетанијата на пристаништата, капетанот на бродот (44 години) е однесен во службените простории на полицијата поради констатирана интоксикација, односно бил во алкохолизирана состојба. Како што соопшти полицијата, тоа би значело дека постои сомнение за сторено кривично дело загрозување посебни видови сообраќај и затоа тој е приведен заради вршење кривична истрага.
По кривичната истрага, капетанот е осомничен за сторени кривични дела загрозување посебни видови сообраќај, како и загадување на животната средина.
На местото на несреќата надлежните државни органи веднаш ги презедоа сите неопходни мерки за да се избегнат дополнителни проблеми и да се санираат последиците. По должината на западното крајбрежје на Сплит, каде што потона туристичкиот брод, ангажирани се нуркачки и противпожарни екипи на местото на несреќата за да се заштити морето од загадување – соопшти Министерството за море, транспорт и инфраструктура.

Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска