Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел изјави дека на денешниот самит ќе побара од лидерите на ЕУ силна поддршка за предлогот за решение на косовското прашање „што е на маса“.
– Ќе побарам од лидерите силна поддршка за да се избегне каква било ескалација и ќе побарам од нив сериозно да работат на овој предлог, што е единствениот начин да се обидеме да ги решиме и нормализираме односите меѓу Косово и Србија – изјави Борел пред средбата во Брисел.
Тој рече дека ќе ги извести лидерите на ЕУ за состојбите во дијалогот меѓу Приштина и Белград, последните случувања и последните контакти, пренесе Бета.
– Предлогот е на маса. Ги поканувам двајцата лидери (на Србија и на Косово) повторно да дојдат во Брисел – наскоро, за неколку недели – со цел дефинитивно да го протуркаат тој предлог – рече Борел.
Оценувајќи дека „се оди од криза во криза“, Жозеп Борел нагласи дека „сега е време за деескалација и конструктивна работа“.