Србија

Користењето и издавањето на гаражниот простор во Белград претставува сѐ поисплатлив бизнис, а многу граѓани се одлучиле за овој вид вложување во недвижности. Според податоците на Републичкиот геодетски завод, лани прометот со гаражен простор пораснал за 54 отсто, за разлика од купопродажбата на станови во Србија, која забележала раст од 28 отсто, во споредба со 2020 година. Минатата година биле направени 14.567 договори за продажба на гаражен простор.
– Во оваа категорија се сметаат гаражно место во зграда, гаражна просторија или паркинг-место надвор од објектот. Најголемиот дел од прометот е остварен во Белград, а цените за гаражен простор се движеле од 200 евра во Смедерево до 40.000 евра на Савски Венец, односно на локацијата Белград на вода – информираат од РГЗ.
Минималната цена што е платена за гаража во трите белградски општини: Савски Венец, Стари Град и Нов Белград изнесува пет илјади евра. Најскапата гаража во Нови Сад е купена за 30.000 евра. На Савски Венец гаражите чинат од 19 до 25 илјади евра.
Проценителот во агенција за недвижности, Милиќ Ѓоковиќ, вели дека купувачите прво се одлучуваат да изберат гаража, а потоа купуваат стан.
– Паркирањето во Белград стана голем проблем, посебно во централните градски подрачја. Едни купувачи се оние што купуваат сопствена гаража, а други инвестираат во гаражен простор. Инвестицијата е по 15 илјади евра, а потоа ја изнајмуваат гаражата за сто евра. Ова е добра инвестиција за тие со помалку капитал, а приходот од изнајмување им е доволен за покривање на вложеното. За гаражите побрзо се наоѓаат купувачи – вели Ѓоковиќ.
Но забуната околу висината на оваа недвижност е во тоа што гаражниот простор се пренаменува во локал, но во катастарските книги сѐ уште се води како гаража. Сепак, цената на гаражите постојано е во пораст, затоа што полесно се изнајмуваат по повисока цена за разлика од становите, кои треба да се опремат и имаат и други трошоци за одржување. Паркирањето во Белград е сѐ поскапо и месечно треба да се издвојат од 50 до 200 евра во зависност од локацијата, пишува „Еуроњус.рс“.