Албанската автокефална православна црква (ААПЦ) реагира на податоците од пописот на населението од 2023 година, наведувајќи дека тие не ја одразуваат реалноста, поради што истите не ги признава.
Во соопштението, Црквата посочува дека попишувачите, во многу случаи, не ги прашувале испитаниците за верската припадноста.
– Располагаме со документирани докази дека голем број верници не биле интервјуирани, бидејќи не биле посетени од ниту еден попишувач. Според нашите матични книги за крштевање, јасно се покажува дека бројот на православните христијани е многукратно поголем отколку што се прикажува со пописот – се наведува во соопштението на ААПЦ.
Претходно и Католичката црква изрази резерва во однос на бројот на припадници на оваа вероисповест, додавајќи дека како католичка заедница до сега немале направено попис на верниците, затоа „имаме обврска да спроведе попис во нашите епархии и парохии, за да го знаеме, иако грубо, но реално, бројот на католиците на територијата на земјава“.
Според пописните резултати во однос на религиската припадност во Албанија, од 2.402.113 жители регистрирани во земјата, 1.101.718 жители изјавиле дека припаѓаат на муслиманска вероисповед, христијани се 384.833, од нив 201.530 припаѓаат на католичката, 173.645 на православната вера, додека 9.658 лица се изјасниле за евангелистички христијани.
На бекташката заедница припаѓаат 115.644 лица, додека со други верски убедувања се 3.670 лица, 332.155 лица не го навеле своето религиозно убедување, а други 85.311 се изјасниле како атеисти. Опцијата „преферирам да не одговарам“ ја избрале 244.331 лице, додека за 134.451 лице нема информации.