Атина – Министрите за животна средина и енергија на Грција, Кипар и на Израел го потпишаа договорот меѓу трите земји за изградба на гасоводот „ИстМед“.
Гасоводот е со должина од 2.100 километри и тргнува од Израел, а преку Кипар и Грција стигнува до Италија.
Италија дополнително ќе го потпише договорот, а надлежниот министер за енергија Стефано Патуанели, испратил писмо до неговиот грчки колега Костис Хаѕидакис во кое испраќа честитки за иницијативата и ја изразува поддршката на Италија. („Нетпрес“)

Белград – Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија ја објави почетната листа со 43 угостителски објекти во кои може да се изврши резервација со користење ваучери, со кои се покрива дел од сумата за сместување. За 2020 година српската влада одобри 100.000 ваучери со поединечна вредност од 5.000 динари. Право на ваучерите имаат пензионерите, невработените, корисниците на правото на туѓа нега, вработените со помали приходи од 60.000 динари и лицата од други социјални категории. (РТВ)

Тирана – Францускиот претседател Емануел Макрон го одликува познатиот албански писател Исмаил Кадаре со највисоката државна титула орден „Офицер од редот на Легијата на честа“ Во објавената уредба објавена на 1 јануари во „Службен весник“, името на албанскиот писател е меѓу 483 други истакнати личности. („Опсервер“)


Бисер балкански

Од денес до утре
– Не знам во која мера Србија е европска земја, овде не мислам географски. Сите тие институционални околности влијаат, но постојат и други проблеми. Корпоративниот сектор во Србија има многу ограничени можности за инвестирање. Србија, главно, се потпира на јавните и странските инвестиции, а приватните се далеку помали. Еден аргумент е дека корупцијата го ограничува претприемничкото однесување и инвестирање, а втор е тоа што корпоративниот сектор од 2008 година до денеска е во финансиски проблеми. Имате високи ненаплатени побарувања и дури сега е сведено на релативно нормално ниво како што е Србија. Нема домашни вложувања, а нема ни домашна заштеда. Уделот на домашното штедење во БДП е мал. Стопанскиот систем во Србија е таков што населението троши, а странците вложуваат. Тоа е модел од денес до утре – вели Владимир Глигоров, соработник на Виенскиот институт, за прогнозите на Светска банка за можен пораст од седум отсто, во услови кога минатогодишниот пораст се движи од 3,5 до 4 отсто.