Атина – Со широко мнозинство, грчкиот парламент го изгласа договорот на Грција со Италија за одредување на ексклузивната економска зона. Следува и ратификација на договорот со Египет. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, говорејќи на расправата, рече дека двата договора имаат „голема историска и политичка тежина“. (МИА)

Загреб – Хрватскиот министер за здравство Вили Берош објави дека има 130 активни случаи на инфекција со корона меѓу здравствените работници. („Индекс“)

Белград – Ставот на Белград е апсолутно почитување на Дејтонскиот договор и зачувување на Република Српска (ентитет во Босна и Херцеговина), затоа што мирот и стабилноста се од суштинско значење, изјави завчера српскиот претседател Александар Вучиќ, по состанокот со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик. („Анадолија“)


Бисер балкански

Шовинистичко друштво

– Мора да знаеме дека положбата на жените во Црна Гора е многу тешка. Таа е сѐ уште патријархално машко-шовинистичко друштво, каде што жените се обесхрабруваат да влезат во политиката и да дојдат до позиција на моќ. Но не само жените и мажите, сите членови на партијата размислуваат и гласаат, главно, како што се одлучува од партијата. Во Црна Гора владее партитократија. Тие жени што стигнале на повисоки позиции не дошле ни како жени ни како слободни луѓе, туку како претставници на партијата, се разбира од владејачката – рече професорката Рајка Глушица, во изјава за РСЕ.
Системот на квоти во ЦГ е воведен во 2011 година, а со него се предвидува квота од 30 отсто. Од 81 пратеник во собранието на Црна Гора, 24 се жени.