Албанија

Веста дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во парламентот изјавил оти Грција ќе ја прошири морската граница за 6-12 милји во Јонско Море предизвика реакции во Албанија.
Првата реакција дојде од албанскиот премиер Еди Рама, кој одговарајќи на граѓанин на Фејсбук на вообичаена комуникација напиша дека „морето и копното не се подаруваат како облека“. Албанските медиуми објавија информација дека премиерот Рама телефонски разговарал со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас.
Опозицијата преку поранешниот шеф на дипломатијата, универзитетскиот професор Тритан Шеху, обвини дека Рама молчи затоа што го „анатемирал договорот за морската граница од 2019 година сега, кога Грција ги проширува територијалните води на 12 милји во Јонско Море“.
Од албанското министерство за Европа и надворешни работи за „Гласот на Америка“ изјавиле дека проширувањето на морската граница на Грција нема никаква поврзаност со албанско-грчката водна граница.
По лавината реакции на социјалните мрежи, на смиреност повика вицепремиерот Ерион Браче, гарантирајќи дека „на земјата не ѝ се зема ни сантиметар“. Тој повика на смиреност бидејќи „никој не ја нападнал Албанија, ниту некој ѝ запоседнал копно и море“.

Еден ден претходно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ненадејно најави дека неговата земја во Јонско Море ќе ги прошири територијалните води од 6 на 12 наутички милји, додека, пак, претходно Турција порача дека таквиот потег би бил повод за војна.
Грција и Турција спорат за резервите на природен гас во Средоземно Море. Турција бара ревизија на правата за користење, но е соочена со спротивставена коалиција. Европската Унија е во тешка посредничка позиција.

Во август еден турски и еден грчки воен брод опасно си се доближија во источниот дел на водите во Средоземно Море. Франција испрати воени бродови како поддршка за Атина. Со тоа, три земји НАТО-партнери застанаа едни спроти други. Грчката влада во средата најави дека заедно со Франција, Италија и Кипар ќе одржи тридневни воени вежби. Многу брзо потоа, според информации од Анкара, два турски воени брода имале воена вежба со американски воен брод разурнувач, пишува „Дојче веле“ за заострување на тензиите меѓу земјите за воспоставување сопствени економски зони во водите на Средоземно Море.