Обилни врнежи го погодија турскиот град Истанбул, а поплавени се улиците и подрумите и пореметен е железничкиот и траектниот сообраќај, пренесуваат турските медиуми.

Според информациите, најмалку еден човек е пронајден мртов во поплавен подвозник, јави приватната новинска агенција ДХА.

Телевизијата „Абертурк“ пренесе дека дождот го поплавил и историскиот „Гранд Базар“, комплекс на улички со бројни продавници.

Властите го прекинаа траектниот превоз преку Босфор, а укинати се и некои линии на трамвајот. „Абертурк“ јавува дека еден автомобил паднал во јама поради уривање на пат, но дека патниците кои се наоѓале во него не се повредени.