Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побарал од префектите од целата земја да покажат солидарност за префрлање и згрижување на мигрантите од островите.

– Не може да се борам и да барам солидарност од Европа кога не постои солидарност меѓу нас – изјавил Мицотакис, кој најавува изградба на затворени центри за мигрантите, но и вработување на над 1.000 лица за чување на границите и прифатните центри.

Ова барање на Мицотакис доаѓа по негативните реакции и протести на локалното население во одредени делови на Грција за пренесувањето бегалци и мигранти од островите во другите региони низ земјата.

Министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис истакнал дека, пред сè, мора да гарантираат дека Грците се безбедни и се чувствуваат безбедно и додал дека ќе се вработат 400 гранични полицајци во Еврос (на границата со Турција), 500 нови службеници во службите за азил и 800 лица задолжени за чување на границите на островите и прифатните центри.