Секоја вечер за време на полицискиот час се одржуваат протести и антипротести од домовите на граѓаните во Белград

Поделбата на српското општество продолжи и за време на епидемијата, а политичката борба меѓу владејачката партија и опозицијата за првомајските празници се пресели на терасите и балконите на зградите во Белград

СРБИЈА

Во почетокот на епидемијата почна со хумана цел – граѓаните на Белград за време на полицискиот час од своите балкони секоја вечер им даваа поддршка на лекарите во борбата против ширењето на коронавирусот. Потоа претставници на опозициските здруженија и партии ги повикаа белграѓани со тропање во тенџериња да изразат незадоволство од начинот на кој власта и српскиот претседател Александар Вучиќ се однесуваат за време на епидемијата, која, според нив, ја користеа за ограничување на слободната на движење на граѓаните и за потиснување на демократијата во земјата. Следуваше одговор од поддржувачите на владејачката партија, кои организираа антипротести од балконите и палеа факли во знак на согласност за актуелната владина политика во време на корона-кризата. На крајот, сето тоа се претвори во „балконска војна со тенџериња“, како што ја нарекоа медиумите бучавата предизвикана од удирањето со тенџериња, свиркања, музика и факли во знак на „протест против диктатурата“ и „поддршка за власта“.

Несогласувањето меѓу двете спротивставени страни доживеа кулминација за време на првомајските празници. Директорот на „Демостат“, Зоран Пановиќ, смета дека генералната поддршка со аплаудирањето за лекарите, која многумина ја протолкуваа и како аплауз за власта, со текот на времето ја загуби смислата во однос на политичките поделби.
– Треба да се прави разлика меѓу аплаузот за лекарите и протестот со тенџериња. Ова правење врева е нешто сосема различно. Пред сѐ, тоа има своја политичка функција, која е поврзана со различните желби на политичките актери. Првенствено на опозицијата, која сака да ја оживее својата функција, која во текот на епидемијата целосно престана. Оваа реакција е очекувана, затоа што се гледа крајот на вонредната состојба во Србија – вели социологот Владимир Вулетиќ за „Спутник“.
Пановиќ оценува дека палењето факли од белградските тераси е одговор на предизвикот што го наметна опозицијата.

– Со удирањето во тенџериња симболично се вративме во 1990-тите години. Но тогаш на луѓето им беше психолошки полесно наспроти времето, кое беше потешко, затоа што тогаш постоеше многу јасна поделба на „ние“ и „тие“. По малку е тажно по 1996 и 1997 година повторно да се земат тенџерињата во раце. Но треба да се прави разлика. Тогаш тоа се правеше за одбрана на изборната волја, односно за одбрана на гласовите што опозицијата ги освои во многу градови во Србија и во Белград. Сега не е јасно дали оваа врева од балконите е повик за да се излезе на избори и опозицијата да тргне офанзивно во борба против власта или е поддршка за бојкот на изборите – вели Пановиќ.

Неговата процена е дека српското општество е поделено, што се гледа и низ сликите од терасите во вечерните часови во Белград, што беше и модел на Косово од 1980-тите и 1990-тите години, на т.н. приштинско корзо – секој да шета по својата страна на улицата. Сега коронавирусот и пандемијата, како и секоја вонредна состојба, не можеа да донесат ублажување на политичките тензии, туку уште повеќе ги разгореа – тврди Пановиќ во разговор за „Спутник“.
Со реакција за првомајските случувања од белградските балкони се јави и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој за кампањата „Бучава против диктатурата“ изјави дека тенџерињата и садовите треба да се користат за она за што се продаваат, а сè друго се решава на избори.

– Опозицијата преку пандемијата се обидува да ја собори власта. Јас би се израдувал ако тие излезат на гласање. Едвај чекам. Ајде сите на избори, за да видиме кој колку има поддршка, дали народот го поддржува или не сето она што е направено – изјави Дачиќ за ТВ Прва.
Од српската опозиција побараа итна седница на советот на РЕМ, на која би се донело решение за одземање на фреквенцијата и лиценцата за Радио Пинк, во согласност со Законот за електронски медиуми, затоа што три вечери едноподруго емитува седумминутно пцуење и навреди со конкретни имиња во времето на контрапротестите, соопштија од Сојузот за Србија (СзС). СзС наведува дека „Радио Пинк, со злоупотреба на лиценцата тоа го прави по наредба на Александар Вучиќ, со што учествува во организираната група на хулигани, кои за време на полицискиот час насилно упаѓаат во одредени станбени згради и на покривите на зградите, поставувајќи звучни системи од кои емитуваат пцости и навреди, кои потоа ги објавува тоа радио.“

Во меѓувреме, по прозивките на опозицијата за „масовното кршење на забраната за движење“, се огласи и министерот на полицијата Небојша Стефановиќ, кој побара да „се остават настрана политичките разлики и сите да ги почитуваат мерките“, порачувајќи дека полицијата ќе продолжи да си ја врши работата и ќе интервенира, без разлика на сите малициозни коментари. Оваа порака на Стефановиќ дојде по изјавата на претседателот Александар Вучиќ дека „е сигурен оти надлежните ќе преземат мерки и дека сите прекршители на полицискиот час, кого и да поддржуваат политички, ќе бидат приведени и казнети.“