Аналитичарите предупредуваат на синхронизирана кампања и зголемени напади на политичко-криминалните структури на Косово, кои за да се одржат на власт во предизборната кампања, пристапуваат со националистичка реторика

Националистичката реторика и обновувањето на идејата за формирање големоалбанска држава повторно завладеаја со предизборниот и „демократски“ амбиент на Косово. Тезите за некакво посуштинско поврзување меѓу Тирана и Приштина се меѓу главните приоритети во партиските кампањи за претстојните предвремени избори, кои ќе се одржат на 14 февруари 2021 година. Годинава целиот општественополитички живот на Косово е сведен на изборите и изборните кампањи, затоа што по парламентарните избори следуваат и изборите за претседател на државата и за новата локална власт. Во таков амбиент, не постои место за сериозна работа, особено за спречување на пандемијата на ковид-19, како и за јакнење на граѓанските и други слободи. Дијалогот со Србија за нерешениот спор со косовските власти е оставен во втор план, а доаѓањето на новата косовска влада нема да донесе ништо позначајно, затоа што е извесно дека на февруарските избори ќе победи политичката опција што е цврста во односите со Србија се проценува од меѓународните институции и аналитичари.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана (ИФИМЕС) изработи анализа во која се посочува на „критичните“ точки во спроведувањето на гласањето, од кои зависи и регуларноста на изборите. Особено загрижува фактот што на овие избори се пријавиле голем број граѓани (над 175 илјади) што ќе гласаат преку пошта, што остава простор за сомневање од можни манипулации.

Тоа уште повеќе ќе ја донесе земјата во поголема политичка криза поради длабоката поларизација на политичките партии. Аналитичарите предупредуваат на синхронизирана кампања и зголемени напади на политичко-криминалните структури на Косово и обиди за дискредитација насочени кон левичарското движење Самоопределување. Неговиот лидер Албин Курти има најголеми изгледи да освои убедлива предност на изборите, со што се очекува да почне процесот на декриминализација на Косово и тамошната политичка сцена и на демонтажа на структурите на поранешната ОВК и режимот на поранешниот претседател Хашим Тачи. Генералната оцена на ИФИМЕС е дека перманентната политичка криза на Косово е политички концепт и начин на опстанок на актуелната политичка структура, која е предводена од партијата на поранешниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај. Неговата евентуална победа би значела и дополнителна радикализација на состојбите во регионот, поради предизборните ветувања за одржување „референдум за обединување“ со Албанија!
Криминалот на Косово има свои корени од времето на дејствување на ОВК и на параразузнавачката служба (ШИК) што соработува со политичките структури. Корупцијата и криминалот продолжија и по меѓународната интервенција и војната на Косово во 1999 година. Непотизмот е присутен во сите сегменти на општеството, а се одвива под непосредна контрола и насочување од врвот на политичките партии, пишува во анализата на ИФИМЕС.
– Со пораката за одржување референдум за обединување со Албанија, Рамуш Харадинај предупредува на нова опасност – посочува Тимоти Лес, истражувач од Универзитетот на Кембриџ и поранешен британски дипломат.
Во својот текст за порталот „Отворена демократија“, тој наведува дека „некаков вид присоединувањето на Косово со Албанија сега е единствена геополитичка опција“, а на ваквото сценарио, според него, му претходела „пропаста на желбата на Косово да добие признание од Србија“.

– Барањето за признавање наидуваше на нов постојан отпор од Белград, кој се противи да го изгуби Косово, поради српската емотивна поврзаност за колепката на нејзината нација. Состојбата се усложни кога косовските Албанци се спротивставија да ѝ дадат позначајни отстапки на Србија, за возврат да добијат признание, бидејќи веруваат дека Србија има морална обврска безусловно да ја прифати независноста на Косово, поради обидот етнички да ја исчисти оваа територија во 1999 година, со што се согласуваат многу западни влади – вели Тимоти Лес.
Според неговото мислење, Косово сега има две стратегиски опции – првата да ја задржи статус кво состојбата, со надеж дека ќе ја одоброволи Србија да го промени ставот, со некакви наводни тешки американски санкции кон Белград!
– Но ова не е реално да се очекува од САД да премине кон таков вид притисок, а сѐ додека статусот на Косово не биде јасно дефиниран, тоа не ќе може да се развива политички и економски.

Во таа смисла, на косовските лидери им останува единствено втората опција за некаков вид обединување со соседна Албанија – појаснува британскиот експерт.
На ваквите предизборни ветувања остро се спротивставија државните претставници на Србија. Со реакција се јави и портпаролката на Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Динка Живаљ, која им порача на косовските политичари да дадат пример за промовирање заемна доверба и вредности на Европската Унија, што значеше и спротивставување на ветувањата што ги промовираат во текот на изборната кампања.