Фото: Маја Јаневска-Илиева

Компаниите од земјите во Западен Балкан сѐ повеќе се соочуваат со проблемот за пронаоѓање квалитетна работна сила, а некои од нив ги разгледуваат и опциите за олеснување на приемот на странски работници

Заминувањето на работната сила од Западен Балкан станува сѐ посериозен проблем за компаниите од регионот, кои во недостиг од квалификувани работници, се соочуваат со неизвесност во остварување на тековните, но и на развојните планови. Во најновиот бран на иселување од земјите од Балканот најмногубројна е младата и квалификувана работна сила. Според истражувањето на Вестминстерската фондација за демократија и Институтот за развој и иновации, Западен Балкан секоја година губи неколку милијарди евра поради миграцијата на младата образована популација. Во овие калкулации не се пресметани и индиректните трошоци на компаниите, кои не можат да обезбедат доволен број работници.

Масовен „егзодус“ на работоспособното население од Балканот кон Западна Европа

Само за годинава хрватските хотелиери и угостители пресметаа изгубени приходи во вредност од сто милиони евра. „ЕУ обсервер“ неодамна објави резултати од истражување на Вестминстерската фондација за демократија и Институтот за развој и иновации, дека Западен Балкан губи околу 3,8 милијарди евра од растот на БДП поради миграцијата на младите.
Во истражувањата од оваа област посебно се укажува на Босна и Херцеговина, како земја што е извозник на работна сила поради ниската цена на трудот, а која се соочува со недостиг од домашни работници. Во агенциите за вработување се евидентирани 400 илјади лица, од нив 60 отсто се жени. Но босанско-херцеговските компании не можат да најдат квалитетна работна сила, па затоа им предлагаат на државните институции сериозно да размислат за нивниот предлог за увоз на работна сила! Здружението на работодавачи на БиХ, кое опфаќа најголем број од јавните и приватните компании, пред неколку месеци упати иницијатива до Министерството за цивилни работи во БиХ и Агенцијата за вработување за одобрување олеснувања за увоз на работна сила од странство.
Работодавачите бараат поедноставени процедури за вработување странци, а како пример го посочуваат Законот за увоз на работна сила во Хрватска, најмладата членка во Европската Унија, која се соочува со масовен егзодус на работоспособното население. Претставниците на бизнис-заедницата предлагаат и мерки што би го забавиле заминувањето на квалификуваната работна сила, како што е намалувањето на придонесите на плати. Овие средства работодавачите би ги насочиле во исплата на нето-заработувачката на работниците, кои би добиле и повисоки плати, објави „Ал џезира“.

На Балканот ќе се увезува работна сила за да се подобри состојбата на домашниот пазар на трудот

Според сегашната процедура, за да се одобри вработување на странец, домашната фирма прво мора да побара на домашниот пазар на работна сила, а доколку има таков соодветен кадар за одредена струка, нема да биде одобрен работен престој за некој странец. Заради скратување на постапката за вработување, се предлага и ангажирање на т.н. лизинг-работници преку овластени агенции. Во таков случај, странските работници би биле вработени во агенциите, кои ќе ги плаќаат придонесите и платите, а потоа тие би им ги „изнајмувале“ на приватните и јавните компании во Босна и Херцеговина.
– Ние дефинитивно ќе мораме да увезуваме работна сила доколку се влоши состојбата на домашниот пазар на трудот. Поради збир од повеќе фактори, луѓето ја напуштаат земјата, а ќе мораме да бараме работници однадвор – вели Ален Шабановиќ, претседателот на Здружението на стопанственици од Сански Мост, за „Ал џезира“.
Хрватска, која недостигот од сезонски работници во туризмот го покриваше со увоз од БиХ, и самата веќе подолго време се соочува со голем бран иселување во западноевропските земји. Туристичкиот сектор уште сега предупредува на потребата за сериозна организација на следната туристичка сезона. Според процените на Хрватското здружение за туризам, домашните компании годинава изгубиле приходи во вредност од 100 милиони евра, бидејќи не успеале да најдат доволно работници. Во спроведената анкета, сопствениците на сместувачките објекти изјавиле дека годинава работеле со ограничен капацитет или воопшто не ни отвориле, поради недостиг од работници. Но позагрижувачки се нивните одговори за очекувањата за 2022 година, за кои велат дека ќе биде уште полоша за обезбедување квалитетен кадар во туристичкиот и услужниот сектор, пренесува „Јутарњи лист“.

Законски измени со кои ќе се олесни побарувачката за работна сила во
балканските држави

Анализирајќи ги „стимулансите“ за иселување на човечките ресурси од балканските земји, Виенскиот институт потсетува на олеснетата регулатива на Германија за работни дозволи за работници од Западен Балкан од 2016 година. Виенскиот институт за интернационални студии во најновата анализа за нето-миграцијата во Западен Балкан, посочува на податоците за 160.663 издадени дозволи за македонски државјани во ЕУ28 и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Притоа 88.267 дозволи се на луѓе што се приклучиле на своето семејство, односно на член од семејство што е веќе во некоја од овие земји. На школување, во овој период заминале 9.324 државјани на Македонија, за активности за усовршување биле дадени 41.189 дозволи и по други основи – 23.932 дозволи.
– Изгубениот приход за годинава не е мал. Ова е предупредување колку обезбедувањето работна сила навреме е важна дејност во туризмот. Секако, годинава имаше и многу објективни околности, кои влијаеја на неизвесноста во планирањето на сезоната, но факт е дека мораме што порано да обезбедиме работници за следната година, пред сѐ од домашниот пазар, кој ни е најважен – вели Вељко Остојиќ, директор на ХЗТ.
Туристичките компании пред неколку месеци подготвија и пакет мерки со кои се предлагаат низа законски измени со кои ќе се олесни побарувачката за работна сила. Процените се дека моментално недостигаат меѓу 30 и 35 илјади туристички работници. Во таа насока се предлага едукација на работниците на сметка на работодавачите, со субвенции од државата, воведување на статусот на траен сезонец за работници што се ангажираат за помалку од шест месеци, дигитализација на работните дозволи за странци, како и ставање на угостителските занимања на листата на дефицитарни професии, како и зголемувањето на сумата за награда за работниците, која е ослободена од плаќање данок.