Одржувањето митинзи не влијаеше на пораст на рејтингот на опозицијата во Србија

Дел од српската опозиција со најавата за одржување голем протест во Белград презема ризик, поради целосното игнорирање на власта на барањата за оставки

Опозицискиот блок Сојуз за Србија испрати политички ултиматум до владејачката коалиција предводена од Александар Вучиќ и определи рок од 30 дена за заминување на сегашниот режим и спроведување слободни избори на сите нивоа.

Доколку овие барања не се исполнат, опозицијата најавува голем протестен собир во Белград на 13 април годинава, на кој ќе бидат повикани граѓаните од цела Србија. „Дојче веле“ во својот текст прави анализа колку овој потег на опозицијата е ризичен и дали тоа претставува меч со две сечила, со оглед на тоа дека партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, сѐ уште има висок рејтинг кај народот.

Во прогласот што го објавија од опозицискиот фронт се бараат оставки од Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и од претседателката на српското собрание Маја Гојковиќ. Ова подразбира одржување избори на сите нивоа на власта, кои би се одржале по шест месеци, а во овој период медиумите би биле слободни и би се исполниле сите услови за спроведување фер избори.

По шестмесечните протести во градовите во Србија, лидерите на СЗС се наоѓаат пред крстосница и овој проглас претставува обид да се изврши некој вид политички притисок врз власта. Но отсуството на реакција од владејачката коалиција во Србија, упатува на тоа дека атмосферата во општеството не е толку критична за нивното идно владеење, пишува „Дојче веле“.

Во опозициските кругови има дежурни оптимисти, кои веќе го гледаат падот на актуелната власт, но како што посочува Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика, во овој момент треба да се има реални очекувања.
– Ова е еден изнуден потег по серијата граѓански протести. На некој начин опозициските партии мораа да ги радикализираат своите барања. Од друга страна, тоа е и делумно ризичен потег, затоа што поставуваат високи барања, а тоа ги зголемува и очекувањата. Мислам дека никој не очекува од челниците на овој режим да поднесат оставка за еден месец – вели Поповиќ.

Од власта засега се воздржани и нивната тактика е овие барања на опозицијата што подолго да ги игнорираат: политички и медиумски. Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека власта нема намера да ги исполни барањата од опозицијата, кои се однесуваат на поднесување оставки на високите државни функционери.

– На овој начин тие би си пукале во двете колена и во изборната трка би влегле хендикепирани. Доколку би ги прифатила барањата од опозицијата, власта би признала дека претходните избори не биле регуларни – вели Анѓелковиќ за „Дојче веле“. Овие барања се поставени од дел од опозицијата, која реално нема поголема политичка сила да ги наметне своите ставови, а затоа и самата е свесна. Затоа и ултиматумот што го испратиле до власта е за да се наметнат како најсилен опозициски сојуз, наспроти другите партии. Сегашниот рејтинг на СЗС изнесува околу 15 отсто од гласачкото тело.

Опозицијата со најавата за одржување голем протест во Белград презема и уште еден ризик, а тоа е неизвесноста околу наредните чекори што треба да ги преземат за уривање на сегашната власт.

Драган Поповиќ смета дека одговорот за идното дејствување на опозицијата не го знаат ни најдобрите политички стратези. Затоа, како што вели тој, најавениот протест не треба да се именува како некој ден Д или нов 5 октомври, туку како обид да се испрати јасна порака до Вучиќ, но без нереални очекувања.