Во Грција има 40 активни пожари, а последниот пожар избувна на островот Евија. Пламенот што се ширеше ги принуди властите да наредат нова евакуација на населението на север. Поради густиот чад од пожарот во предградието на градот, во Атина е намалена видливоста, а воздухот мириса на изгорено. Пепел паѓа врз куќите, а од жителите се бара да не ги напуштаат куќите и да ги затворат прозорците. Вчера во Атина повторно се очекуваа многу високи температури, околу 43 и 44 Целзиусови степени, а метеоролозите предупредуваат дека неподносливата топлина ќе продолжи до крајот на претстојниот викенд.
– Кошмар владее во предградието на градот. Главен приоритет е да се спасат животите на луѓето – рече премиерот Киријакос Мицотакис по обиколката на погодената област.
Хеликоптери и авиони се вклучени во гаснењето на пожарот од рани зори. Ветрот е ослабен и противпожарните бригади се обидуваат да го искористат тоа затишје.
– Се надеваме дека ќе го ставиме под контрола пожарот пред да почне повторно да дува – изјави водачот на противпожарната бригада за државната телевизија.
Пожари избија и на островите Евија, Кос и Родос и на полуостровот Пелопонез.