Женски дуел во Софија: Јорданка Фандaкова и Маја Манолова

Владејачката партија ГЕРБ ќе ја задржи доминацијата, но со помала поддршка отколку пред четири години, се првичните резултати од завчерашните локални избори во Бугарија. Во Софија, сегашната градоначалничка Јорданка Фандaкова за да се избори за петтиот нејзин мандат ќе мора да излезе на вториот круг против Маја Манолова, независна кандидатка, која е поддржана од неколку опозициски партии. Таа доби околу 100.000 помалку гласови од минатите избори. Пред четири години ГЕРБ победи во 22 од 28 региони, од кои во 11 уште во првиот круг.

Јорданка Фандакова, кандидатката на владејачката ГЕРБ, во битката за градоначалничката позиција во Софија изби пред независната кандидатка поддржана од БСП и десничарите, Маја Манолова, со предност во гласовите од 10 отсто.

– Изборот е свето право, ние треба да избереме помеѓу диктатот и слободата, а Софија значи мудрост – изјави Манолова, која веднаш ја продолжи кампањата за вториот круг на гласање.

Бугарскиот премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, им се заблагодари на гласачите.

– Сите сакаат да зборуваат за промени, но тие започнаа со нас. Ние направивме големи промени во партијата, особено во Софија. За мене, резултатот е еден – невидена победа над БСП. Во Софија таа победа е двојна – рече тој.