Годинава рускиот ракетен систем „панцир“ влезе во редовното вооружување на војската на Србија

Властите на Србија својата воена неутралност ја поткрепуваат и со тоа што купуваат оружје од земјите во НАТО, кои упатија забелешки за намерата на Србија да купи кинески противвоздушни ракети

Намерата на Србија да го набави кинескиот ПВО-систем „ФК-3“ предизвика еднаква вознемиреност во Вашингтон, Брисел и во Москва. Од Амбасадата на САД во Белград, минатата недела порачаа дека „владите треба да се свесни за краткорочните и долгорочните ризици и за цената што ја носи соработката со кинеските компании“. Слична порака пристигна и од Европската комисија во која се потсетува дека властите во Србија „интеграциите со ЕУ ги означиле како стратегиски приоритет за државата“, а тоа значи дека е неопходно идните постапки да ги усогласи со надворешната и безбедносната политика, кои се дефинирани во преговарачката рамка со ЕУ.
Ваквите предупредувања се вообичаена реакција на секоја најава на српската влада за набавка на оружје од земја што не е членка на НАТО или од нивните сојузници. Претходно забелешките се однесуваа за набавка на воена опрема и оружје од Русија, а од САД упатуваа и благи закани за евентуални санкции кон Србија, затоа што не се почитувал вашингтонскиот Акт за спротивставување на американските непријатели.

Набавката на кинеските ракети наиде и на критики од претставници на српската опозиција, кои имаат блиски релации со Москва. Тоа беше причина да се огласи и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој нагласи дека „Србија не води ни русофобична, ни русофилна политика, туку српска политика, а тоа е земјата да остане воено неутрална“.
Со набавката на кинеско оружје, Белград сака да ѝ испрати порака до Москва дека не зависи исклучиво од руското наоружување, беа коментарите на некои медиуми во Русија. Некои од нив информираат со неутрален тон, додека други прават анализи во кои не се крие разочарувањето што Србија не нарачала руско оружје од фамилијата „С-300“. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во декември лани изјави дека Србија се откажала од купување на системот „С300/400“, потсетува Радио Слободна Европа.

Најголемо внимание во Брисел и во Вашингтон предизвика набавката на рускиот ракетен систем ПВО „панцир С1“, кој годинава официјално беше воведен во воениот арсенал на војската на Србија. Нивните критики се однесуваа дека Белград отстапува од вообичаената безбедносна практика на ЕУ. Тоа се однесуваше и на подарокот од Москва за борбените авиони „миг 29“ и за најавената испорака на 30 тенка „Т-72“ и борбени возила „БРДМ-2“.
Властите на Србија својата воена неутралност ја поткрепуваат и со тоа што се купува оружје од западните производители. Познат е големиот договор за купување хеликоптери „ербас“ за српската полиција и војска. Воена помош е примена и од САД, која се состоела од повеќе десетина возила „хамер“.

САД се и најголем донатор на војската на Србија, на која во периодот од 2008 до 2019 година ѝ била исплатена помош во вредност од 10 милиони долари во опрема и пари. Втора на листата на најголеми донатори е Кина, која донирала опрема во вредност од 5,2 милиони евра. Почетокот на српско-кинеската воена соработка беше со купувањето на беспилотните летала „ЦХ-92А“. Во истиот пакет е и кинеската помош за развој и технолошка доработка на домашните беспилотни воздухоплови „пегаз“.