фото: Пиксалс

Процентот на населението во Австрија со миграциско потекло постојано се зголемува, од 21,4 во 2015 година на сегашните 25,4 отсто, соопшти денеска Федералниот завод за статистика, пренесе ДПА.

Германците (217.000) и Романците (140.000) се најголемите групи странци во Австрија, а потоа следат 122.000 српски и 118.000 турски државјани.

Според извештајот на Заводот, поради руската инвазија бројот на украински граѓани во Австрија е зголемен за четири пати, па, додава ДПА, додека на почетокот на 2022 година во Австрија живееја околу 13.000 Украинци, на почетокот на април веќе имало речиси 53.000.

– Австриската популација расте исклучиво преку имиграција; без неа, населението долгорочно ќе се врати на нивото од 1950-тите, согласно прогнозите за населението – изјави генералниот директор на Федералниот завод за статистика на Австрија, Тобијас Томас.

Прелиминарните податоци покажуваат дека на 1 април Австрија имала вкупно население од 9.027.999 граѓани.