Фото: Илустрација/Архива

Во текот на овој месец Австралија ќе воведе петта доза од вакцината против Ковид-19 за сите граѓани на возраст над 18 години, кои досега не се заразиле со коронавирус или не биле вакцинирани во изминатите шест месеци, изјави министерот за здравство Марк Батлер.

-Одлуката го проширува правото на ревакцинација на околу 14 милиони лица, што е повеќе од половина од населението во земјата, на кои од 20 февруари ќе им бидат понудени вакцини специфични за варијантата Омикрон – рече Батлер.

Досега само на лицата со сериозно ослабен имунитет им се препорачуваше да ја земаат петтата доза, а советот беше да го примат бустерот три месеци по четвртата доза.

Австралија, која е меѓу земјите со најголем број вакцинирани луѓе против коронавирусот, досега има администрирано две дози од вакцината на 95 отсто од луѓето на возраст над 16 години.

Токму овој пристап и помогна на Австралија да го задржи бројот на заразени со Ковид-19 на релативно ниско ниво во споредба со другите развиени економии.

Меѓутоа во Австралија имаше бавно прифаќање на вакцинацијата, а официјалните податоци покажуваат дека околу 72 отсто ја примиле третата доза, а само 44 отсто четвртата.

Батлер изјави дека луѓето на возраст над 65 години сè уште се изложени на висок ризик од тешка болест и смрт од коронавирус и затоа ги повика да ја добијат петтата вакцина доколку ги исполнуваат условите.

-Воведувањето на петтата доза од вакцината ќе помогне да се справиме со она што неизбежно ќе биде следната фаза од следниот бран на Ковид-19 некаде во текот на оваа 2023 година, рече Батлер.