Военo-истражувачки институт „Волтер Рид“

САД

Научниците од американскиот воен истражувачки институт „Волтер Рид“ во рок од неколку недели треба да објават дека развиле вакцина што е ефикасна против ковид-19 и сите негови варијанти, вклучувајќи го и омикрон. Според американскиот портал „Дифенс уан“, вакцината ќе се вика СПФН („Спајк феритин нанопартикал“) и е во завршна фаза на тестирање. Според најавите, таа ќе биде ефикасна дури и против претходните вируси САРС. Најновото достигнување на американската армија е резултат на речиси двегодишна работа на овој вирус, која следувала откако воената лабораторија ја добила првата ДНК-секвенца на коронавирусот, некаде на почетокот на 2020 година.

Во раната фаза на пандемијата, разгранокот за заразни болести на институтот „Волтер Рид“ одлучил да се фокусира на развој на вакцина што ќе дејствува не само против постојниот вид туку и против сите негови потенцијални варијанти.
– За разлика од постојните вакцини, СПФН користи протеин во форма на фудбалска топка, која има 24 страни, кои овозможуваат таа да ги прикачи шпицовите од различни варијанти на коронавирусот на различни површини на протеинот – пишува Тара Коп во текстот за „Дифенс уан“.

Инаку, тестирањето на вакцината било одолжено главно затоа што за тестовите биле потребни поединци што ниту биле вакцинирани ниту претходно биле заразени со ковид-19, што било искомплицирано од масовното вакцинирање и брзото ширење на делта и омикрон во САД. Според објавите во американските медиуми, следната фаза за вакцината СПФН се испитувањата дали таа ќе реагира кај луѓе што претходно биле вакцинирани или заразени со ковид-19.